ММС

Објавено на: 08/4/21 9:56 AM

МОН ги објави конкурсите за ученички и студентски стипендии за 2021-2022

Министерството за образование и наука ги објави конкурсите за доделување ученички и студентски стипендии за учебната/студиската 2021-2022 година и соопшти дека годинава се зголемени износите и се воведени нови категории стипендии.

Во секој од конкурсите се наведени условите, критериумите, потребните документи и роковите за аплицирање за да се оствари правото на користење на соодветната стипендија.

– За најголем дел од категориите на ученички стипендии кои се доделуваа и досега, месечните износи се зголемени за околу 60 проценти, а воедно воведени се и нови категории, од кои, позначајни се оние за ученици кои ќе се запишат во дуални паралелки, во дефицитарни струки или, пак, во тригодишно средно стручно образование. Исто така зголемени се и месечните износи на поголем дел од студентските стипендии, некои од нив и за над 80 отсто – информира Министерството за образование и наука.

Од оваа година, постапката за аплицирање за стипендија е дигитализирана преку порталот http://e-uslugi.mon.gov.mk, со што значително се поедноставува начинот на остварување на правото. Учениците и студентите кои немаат можност да аплицираат електронски, треба да пополнат хартиена пријава (евидентен лист) и да ја достават потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.

– МОН обезбедува поддршка при аплицирањето за секој заинтересиран кандидат кој ги исполнува условите за одредена категорија на стипендии, преку Секторот за ученички и студентски стандард, соопшти Министерството, кое во известувањето наведува и контакти на вработени во МОН за повеќе информации за конкурсите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1