ММС

Објавено на: 08/4/21 8:09 AM

Сѐ уште гори во Мургаш, Дренак и Јачинце – изгореа неколку куќи

Најмалку три шумски пожари сѐ уште се активни на територијата на Куманово и Старо Нагоричане. Според последните информации на Регионалниот центар за управување со кризи од утринава, активни се пожари во селата Мургаш, Дренак и Јачинце.

Во селото Дренак гори шума од вчера попладне. Пожарот избувнал во 12:35 часот, а на терен сѐ уште утринава биле тројца пожарникари со едно противпожарно возило. Вчера во гаснење на пожарот таму учествуваше и хеликоптер.

Пожарот во селото Мургаш кој вчера беше изгаснат повторно се разгорел во 17:20 часот и на терен се тројца пожарникари. Првично огнот избувна пред два дена кога зафати голема површина шума, а страдаа и неколку куќи. Според информациите до терен дел од куќите биле населени, дел празни, но предизвикана е голема материјална штета.

Активен пожар има и во атарот на селото Јачинце. Пламените јазици започнале да се шират вчера попладне, а околу 17 часот на терен излегла екипа од кумановската противпожарна единица. Според билтенот на РЦУК пожарот е сѐ уште активен и утринава во 04:00 часот повторно е упатена екипа на локацијата. Пожарите во Мургаш и Јачинце се всушност на ист ридски појас наречен Липец и опфаќа неколку села.

– Наши екипи утринава има во селата Мургаш и Довезенце. Тоа е истиот потег со селото Јачинце, потврди командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски.

Доцна во ноќта е изгаснат пожарот во атарот на селото Бељаковце. Интервенцијата на една екипа на ТППЕ Куманово траела од 17:50 часот до 02:00 часот. Од последните информации од вчеравечер пожарот во селото Кокино кон Арбанашко на територијата на општината Старо Нагоричане е целосно изгаснат и екипата била упатена во селото Дренак, каде огнот се префрлил кон селото Отошница на површина на Општина Ранковце. Таму гори нискостеблеста мешана шума, борова и дабова шума, габер и сува трева.

Во гаснење на пожарот во Кокино вчера учествувале шестмина пожарникари од ТППЕ Старо Нагоричане, петмина полицајци, 27 припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, 60 војници. Во пожарот во селата Кокино и Арбанашко учествувале и хелихоптери на АРМ со 4-5 прелетувања.

Пожар вчера имало и во атарот на селото Пезово каде горела засега непозната површина на шума, а страдала и една стара куќа. Пожарот избувнал вчера во 12:35 часот, а на терен излегле тројца пожарникари и го изгаснале огнот околу 17:30 часот. Во истото село имало уште една интервенција на запалена сува трева, од доцна во ноќта и до 05:40 часот утринава. Сува трева вчера горела и во липковско Опае, каде интервенирала кумановската противпожарна единица.

Никола Ивановски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1