ММС

Објавено на: 08/3/21 2:30 PM

Не припаѓам на ниедна партија, спортист сум и таков ќе останам- Кој е Дејан Георгиевски приватно?

Олимпиецот Дејан Георгиев делува срамежливо, скромно и воспитано. Вели не е таков од сега, туку одсекогаш, а тоа веројатно се должи на домашното воспитување. Роден е како средно од трите  деца, има постара сестра Ана Марија и помал брат Костадин, и сите се спортисти. Од моментот кога го освои сребрениот медал во Токио на ОИ, па до денес не престанува да се зборува за него. Луге го среќаваат на улица, му честитаат, а тој е предаден на сите кои сакаат да им подели автограм.  Неговата скромност и смиреност придонесе младите да го чувствуваат како свој идол. Но, кој е Дејан, кога ќе се згаснат камерите? Тој за ММС откри неколку детали од неговиот приватен живот, а секако најрадосната за  сите негови обожавателки- Дејан нема девојка.

-Моментално немам девојка. Не значи дека ќе нема, понатаму, но периодов бев преокупиран со други обврски и не сакав едно да запоставам а друго да оставам така. Иако, не е ни тоа главна причина, така се погодило во моментот. Не сум ни заљубен.

Дали си суеверен пред настап или можеби имаш амајлија? Обично спортистите имат свои ритуали, како е кај тебе?

-Си имам и јас свои рутини, но тие не би сакал да ги откријам, ги чувам само за себе. Иако не верувам во такви работи, суеверија, црни мачки… Знам некогаш вечерта пред да имам борење утредента да прочитам стихови од некоја книга и така да одморам и да заспијам.

Видовме дека се прекрсти пред настап? И ова е една од твоите рутини?

-Да,  тоа ми е рутина пред да почнам да се борам. Имам истетовирано и крст.  Пред се славата на Господ е најважна, бидејќи без него ништо ама нито не е возможно. Јас сум верник, одам во црква. Претходно постев цели пости , но последните години само првата и последната недела. Вербата во Бога си доаѓа од мене, не ми се случило ништо, јас сум убеден дека тоа е така, така треба да биде и кај сите.  Сите треба да се веруваат во Господ за да успеат. Ако не веруваат нема да успеат.

По успехот во Токио стана идол на младите, па оттаму и интересеот за тебе е многу голем, се интересираат приватно, каква музика слушаш, што те развеселува, како живееш…?

-Се слушам.. Да го отоврам телефонот да ми ја видите плеј листата и ќе најдете се, од македонски, српско, странско, ама буквално се слушам. Омилена ми е „Виши соколе“, која ми ја пуштаа на пречекот.

Што ќе направиш за да не ги разочараш младите?

-Ќе останам во спортот, тоа секако. Ќе тренирам, да продолжи континуитетот на медали. Ми недостасува  медал од светско првенство, па ете се надевам дека догодина ќе ја краси витрината  медал од таму. На младите сакам да им препорачам да се занимаваат со спорт, тоа е најважно.  Кога преку спортот ќе се занимаваат со некоја посебна дисиплина, значи дека понатаму во животот ќе може да се снајдат во било какви проблеми, препреки. Затоа сакам да им посакам многу успех, да веруваат во себе, да не мислат дека ништо не е возможно, напротив се е возможно, тоа ние го докажавме. И да работат посветено во тоа што го го сакаат и да останат фокусирани до крај. Спортот е подобар од се.

Некои од младите мислат дека ако не користиш цигари, дрога и алкохол не е интересен животот. Кој е твојот совет за нив?

-Кај нас во спортот тоа не е дозволено и нормално, никоја спортист не треба да се занимава со такви работи. Никој спортист, не само  професионален, туку и за младите кои сега почнуваат не е во ред. Мислам дека треба да  размислат, да знаат дека тоа не е добро за нивното здравје. Младите го викаат тоа,  и секој може да го прави тоа, но не баш секој може да се занимава со спорт и да постигнува големи резултати. Сакам да ги посоветувам да си постават цел во животот, да бидат поразлични од другите, бидејќи најлесно е да се занимаваат со цигари, алкохол и дрога. Животот не може да биде досаден,  сами си го прават да  биде таков.  Затоа нека го исполни тоа досадно време со некоја позитивна работа.

Колку беше подготвен на 22 години да ти се случат петте минути, кои спортистите некогаш ги чекаат со години?

-Не се изненадив. И јас го чекав тоа цел живот.  Уште кога почнав да се занимавам со овој спорт бев подготвен за медал и можеби затоа не изгледав изненаден.  Го очекував тоа.  Во моите соништа јас се навикнав дека ќе го имам медалот на моите гради. Можеби не од сам старт, но кога веќе станав сениор видов дека можам.

Колку „пријатели“ ти се појавија сега, а не биле тука кога требало да помогнат?

-Во нашата Федерација, во нашиот клуб нема такви работи. Сите сме заедно и јас сум многу благодарен за тоа. Сите што беа со мене на подготовки, 50 дена живеевме надвор од дома. Беспрекорно ми помогнаа. Иако тие подготовки беа фокусирани само на мене, тие беа тука цело време со нас, од почеток до крај. Ние сите фукнционираме перфектно, сите сме тука еден за друг и затоа велам дека ова не е успех само за мене туку за сите нас.

Кај Заев на прием

На вакви млади успешни, независно дали се од спортот, музиката, културата.., многу лесно има се лепат политичарите за собирање поени. Ти секако, особено сега пред избори, ќе бидеш мета на политичари за поени. Колку ќе дозволиш да ти се случи тоа или ќе одбереш да бидеш идол на сите млади?

Со Мицкоски на Водно

-Јас не се занимавам со политика, не сум определен кон ниедна партија. Јас сум професионален спортист и ќе си останам  да си бидам тоа.

Како се снајде ти со креветите од картони во Токио? Спортистите од таму се жалеа на креветите биле ставени намерно така за да се стави фокусот на спортот не на водење љубов.. Запозна некоја спортистка таму?

-Тоа е само зборување на памет. Јапонците имаа направено такви кревети за да може потоа да ги рециклираат. Затоа беа картонски, а не поради причините кои кои ги кажуваат. Инаку, јас не отидов за ништо друго освен за медал. Не трошев непотребно енергија на други работи. Не успеав  ниту од Токио нешто да видам, бидејќи не ни беше дозволено да излегуваме од олимпиското село, освен кога идевме на тренинзи,  бидејќи салите за натпревари беа малку подалеку, па одевме со автобус.  Токио го гледавме само додека се возевме со автобусот.

Делуваш срамежливо и скромно, дали е тоа дел од карактер, домашно воспитување или спортска контрола?

-Не, таков сум одсекогаш. Наверојатно домашно воспитување.

Дејан со родителите

(В.М.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1