ММС

Објавено на: 08/2/21 8:39 PM

Состојбата во Кочани се уште критична, помош пристига од сите страни

Критична е состојбата со пожарите кои од претпладнево беснеат во Кочани. Зафатени се периферните делови на градот, од селото Бели во правец кон градот и индустрискиот дел, а проблем претставува и силниот ветер кој моментално дува.

Во пожарот најзафатени се населбите Бејрут, каде има опожарени куќи,  населбата Варница каде на две-три куќи им изгореа кровните конструкци, Бели и Драчевик.

Според дописникот на К77, во пожарот е зафатен дворот на шумското стопанство Осогово и изгорена е голема количина дрва.

Луѓето реагираат на бавната реакција, поради тоа што пожарот започнал во претпладневните часови, а се дозволило да се прошири.

Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, вели дека пожарот полека се става под контрола, најважно е да се избегне опасноста по околните куќи, иако отежителна околност е силниот ветер.

Како што информираше Илијев на помош се дојдени противпожарни единици од Штип, Виница, Берово, Кавадарци, Велес и Пробиштип, а на пат се и возила од Скопје.

Армиските хелихоптери денеска беа  зафатени со гаснење на други делови низ земјава, но се очекува во раните утрински часови да дојдат во Кочани, поради техничката неможност да летаат во ноќни услови.

Припадници на армијата се вклучени во гаснењето.

 

фото: принтскрин 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1