ММС

Објавено на: 08/2/21 10:20 AM

(Видео) Пендаровски: Ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали

Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина, истакна претседателот Стево Пендаровски во видео обраќањето по повод 2 Авуст – Денот на републиката.

-На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните, порача Пендаровски.

Во видео обраќањето додаде дека борбата за слобода ја продолжила славната антифашистичка генерација која ги надминала пропагандите и поделбите и се сплотила околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава.

-Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања, истакна претседателот.

Но, еднаш добиена, слободата, потенцира тој, мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација. Потсети дека годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои, како што рече, имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби.

-Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас. За многу години Илинден! Да ни е вечна и вековита републиката – Северна Македонија!, наведе претседателот во својата илинденска честитка.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1