ММС

Објавено на: 08/1/21 11:57 AM

Николов: Сакам децата да растат во општина каде има закон, ред, хигиена и правичност (видео)

Штип е убаво место за живеење, но многу работи можат и треба да се подобрат, вели првиот човек на општината, Сашко Николов. Животната желба од малечок, да стане кардиолог му се оствари, но покрај тоа стана и градоначалник. Иако за многумина е несфатливо зошто еден етаблиран, успешен доктор влезе во една сосема нова работа – политиката, тој вели дека овие две професии и не се неспојливи. Докторот се грижи за здравјето на луѓето, а градоначалникот за добробитта на народот.

-Јас уживам во болницата, но ова го правам за граѓаните и за моите деца бидејќи сакам да растат во општина каде што ќе има закон, ред, хигиена и правичност и праведност за сите. Не сакам моите или било чии деца да бидат фрустрирани од политиката, економијата или општествената состојба, туку сакам сите да се чувствуваат како штипјани и да сакаат да останат и да се развиваат овде, во овој град, вели Николов.

Пред да дојде на градоначалничката функција, професијата вели ја замислувал малку поразлично, па му требало време да се навикне. На почеток вели дека мислел и оти општината е превработена и луѓето „дремат“ по канцеларии и не работат, но од оваа перспектива сфатил дека не е така.

-Фалат луѓе во даноци, во економскиот сектор, луѓе за наплата и правници. Моментално имаме само еден правник за градежно земјиште, а треба да има најмалку двајца или тројца. Недостасуваат и комунални редари и инспектори. Исклучително тешко е да се најдат висококвалификувани кадри, никој од приватниот сектор не сака да напушти оттаму со таа плата и да дојде да работи во општината, со толку многу работа и помала плата, вели градоначалникот.

Комуникацијата со министерствата според него се одвива на многу едноставно ниво и се одвива речиси беспрекорно. Во однос на децентрализацијата вели дека има уште доста пат да се изоди, но треба да бидеме трпеливи.

Најголем проблем за штипјани моментално е старата главна водоводна мрежа, се уште со стари азбестни цевки. За ова иако се знае, граѓаните сфатија по големата хаварија која неодамна се случи и кога една третина од градот остана без вода еден ден. Затоа главен проектина кој би се осфрнал доколку остане на градоначалничката функција и по престојните локални избори, за градоначалникот е промената на главната водоводна мрежа.

-Тоа мораме да го решиме бидејќи е суштинска работа, во 21 век да немаме сигурен и безбеден доток на вода. Сега сме во преговори со компанија која работи на проверка на водоводната мрежа, најпрво на секундарните и терцијалните линии каде што се губи вода. Освен ова јас сакам да започнам референдум и средствата од самопридонесот од штипјани да се извадат и да се усмерат за промена на водоводната мрежа, рече Николов.

Значајна за него е и реконструкцијата на голем број улици низ градот, за која што вели е квалитетна – врз стариот асвалт не се става нов, туку најпрво се гребе стариот, се прави подлога и се става нов асвалт што ќе трае и ќе остане.

Штип смета и дека треба да има јавно-приватно партнерство за осветлувањето, бидејќи сега 40 отсто од општината е неосветлена.

-Се уште имаме застарени сијалици кои трошат многу струја. Ние веке направивме физибилити студија за тоа каков бенефит ќе има општината доколку осветлувањето се даде на јавно-приватно партнерство. Веќе е започната тендерската  расправа за понудувачи и се надевам дека постапката ќе заврши во август. Кој и да го добие тендерот, за четири до шест месеци ќе зааврши со комплетното осветлување во градот. Тоа што ќе го оставам јас за овие десет месеци, ќе биде осветлен град, а општината ќе има финансиски бенефит, вели Николов.

Во својот мандат, освен за претходно споменатото, вели ќе се бори и против дивоградбите. Штип според него е хаотичен поради граѓаните кои мислат дека се над законот. Револтиран е од фактот што тукутака се узурпира јавно земјиште – општината спремала парцели за продажба, но кога отишле на местото, таму некој веќе си изградил куќи.

-Не може објект кој е изграден на диво и кој во ниеден момент не бил планиран да биде таму да се изедначува со оние кои за своите објекти чекале градежни одобренија и плаќале комуналии. Јас ќе се борам овие луѓе да ги немаат истите права кои ги имаат оние со легални градби. Јас сега се сретнав со проблем кој не можам да го решам, имаме триесетина куќи кои се легализирани буквално во дол, а канализационата мрежа е на над 50 метри над долот. Тие сега бараат да се приклучат кон канализационата мрежа, но законот на гравитација вели дека нелогично е фекалиите да се качуваат нагоре, туку треба да одат надолу. Ние сега за нив треба да направиме систем со пумпи кои со струја ќе ги пумпаат фекалиите нагоре, а тоа може да создаде дополнителен проблем за другите граѓани, вели Николов и потенцира оти е срамота во 21 век да има објекти со септичка јама.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1