ММС

Објавено на: 07/31/21 9:59 PM

Имав мозочен удар и не можев да излезам од дома – Потресни сведоштва на луѓето во пожарите во Анталија

Пожарите во подрачјето на Манавгат, во турската крајбрежна област Анталија, не се целосно ставени под контрола. Многу граѓани ги почувствуваа последиците од чадот, се здобија со повреди, а дел од нив се хоспитализирани. За преживеаното раскажаа за Агенција Анадолија (АА).

Сулејман Дузенли (64), кој беше спасен од припадниците на жандармеријата, рече дека не верувале дека пожарот ќе стигне до нивните куќи, но наскоро огнената стихија го зафатила задниот дел од куќата.

Нивниот дом во населеното место Улукапи целосно е изгорен.

„Имав мозочен удар и не можев да излезам од дома. Ќерката беше со мене, но не можеше да ме извлече [од куќата]. Војниците веднаш дојдоа напомош и ме спасија. Мојот дом, лековите, сè изгоре. Кога ме донесоа во болница, успеаја да го повратат срцето, кое застана за момент. Успеав да го земам само телефонот. Живеам сам, не можев ништо да понесам. Изгубив сè, но му благодарам на Бога и за олку. Нашата држава е силна, драгиот Алах уште да ѝ помогне“, рече Дузенли, упатувајќи молитви за државата и народот.

Ибрахим Ајдин вели дека со цистерни, трактори и во согласност со сопствените можности се обиделе да спречат пожарот да стигне до куќите.

Додаде дека се затрул од чадот за време на гаснењето на пожарот.

„Се боревме за нашата куќа, за нашите животи. Не ги слушавме предупредувањата на жандармеријата. Нѐ предупредуваа на опасноста, но ние се обидувавме да го спасиме имотот. Сакав да ги изнесам работите, но не успеав. Животните, куќата, сè изгоре. Никогаш немам видено таков пожар. Ова не е обичен пожар. Ваков пекол немаме видено. Многумина беа затруени од чадот и се хоспитализирани. Фала му на Бога, нема жртви, но го загубивме имотот“, рече Ајдин.

Хатиџе Текин рече дека откако дознале за пожарот, отишле во куќата на село и се обиделе да го изгаснат пожарот.

Нејзиниот брат паднал додека се обидувал да го изгасне пожарот.

„Нашата куќа, животните… сè е претворено во пепел. Никогаш порано не сме виделе нешто слично. Ни нашите стари не се сеќаваат на вакво нешто. Избувна еден пожар, па на друго место и друг пожар. Во селото имаше 100 куќи, а 70 од нив изгореа“, рече Текин.

Фото: Агенција Анадолија (АА)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1