ММС

Објавено на: 07/30/21 5:18 PM

Нема да одржам говор на Мечкин Камен – Пендаровски ја менува традицијата долга 30 години

Претседателот Стево Пендаровски ги поканил претседателот на Собранието Талат Џафери, премиерот Зоран Заев и сите лидери на политички партии застапени во Парламентот заеднички да го прослават Илинден – Денот на Републиката во Крушево.

На денешниот брифинг со новинарите шефот на државата истакна дека според него она што досега се случувало во Крушево е повеќе разединување отколку обединување, следејќи ја целата досегашната пракса на прослава на националниот празник. Поради тоа тој го менува досегашниот начин на прослава и најави дека дента нема да држи говор на Мечкин Камен, а наместо тоа вечерта во 18 часот ги поканил сите парламентарни партии и лидери да учествуваат на заедничка прослава.

Прославата ќе биде во 18 часот за да им се овозможи на поканетите да пристигнат од другите места во земјата, каде претходно тие треба да го одбележат празникот. Досега му потврдиле дека ќе присуствуваат премиерот Зоран Заев и  лидерот на ДУИ Али Ахмети. Поканете се и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, на Левица, Димитар Апасиев, на Алијанса за Албанците Зијадин Села, односно лидерите на сите парламентарни партии.

Според програмата за одбележување на Илинден во Крушево, актерот Никола Ристановски ќе го исчита Манифестот, предвиден е настап на „Танец“ и ќе имаат настап и Албанскиот ансамбл за ора и танци, Влатко Стефановски и Воениот оркестрар. На Мечкин Камен претседателот и гостите ќе влезат со почесниот батајлон на АРМ, каде ќе биде положено цвеќе. Пендаровски ќе има двеминутно видео обраќање.

Замислата е дека со овој начин на прослава ќе се постигне поголема сплотеност и ќе овозможи вистинско честување на Илинден како симбол на обединување.

Според досега востановената пракса шефот на државата, на Владата и спикерот на Парламентот се ротираа, секоја година на Крушево, Пелинце и во Скопје. Годинава Пендаровски треба да биде на одбележувањето на празникот во Крушево, Џафери во Скопје, а  Заев во Пелинце.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1