ММС

Објавено на: 08/11/21 9:00 AM

На попот му реков да не иде по мене, па јас го чувам селото – Како живее баба Душанка (88), единствениот жител на Бусулци, велешко

Ниту новиот асфалтен пат кој води до едно од најстарите села во велешко, Бусилци не може да ви го одземе чувството на носталгија кога ќе ги видите сувите гранки кои ги обраснале трошните куќи како џиновски катанци во кои се заклучени спомените и распаднатите чардаци.

А чувството на носталгија и сожалување поради самотијата ќе го снема откако ќе ве пречека 88-годишната баба Душанка Јовановска која е единствениот жител на Бусулци.

– Сте дошле на вистинското место, повелете, влезете, седнете си. Баба Душанка сега ќе слезе на муабет со гостите – се пошегува нејзиниот внук Орце Јовановски од Велес кој стигнал пред екипата на ММС за да и донесе намирници.

Гостопримството Орце го наследил од својата баба која како едвај да чекала да и стигнат туѓинци за да им ја раскаже својата приказна- како пристигнала во Бусилци и колку е горда што е последниот жител на ова село. Не пречека со ракија која требало да се пие на гладно срце.

– Бидете живи и здрави, Господ здравје да ви даде. Само јас сум, нема никој од соселаните. Во последниве години се населија луѓе со стока од Горно и Долно Јаболчиште. Јас живеам сама без сопруг 17 години. А, пред три години почина соседот и исто толку време само јас сум жител на селото. Сега се населија номади од други села. Колку години сум сама, па 17 години сум сама. Толку години и не пијам. Инаку кога беше жив стопанот, пиев повеќе и од мажите. Пред три години почина соседот и веќе три години само јас сум жител на селово. Се сретнавме со попот и му велам „Попе, немој да идеш по мене, јас го чувам селото“. А тој ми вика „не идам бабо, па кој ќе го чува Бусулци“ – се пошегува баба Душанка.

Таа е родена во Смиловци, село близу Извор и Јасеново, односно крај стариот пат Велес – Прилеп. Се присети кога ја донеле како невеста во Бусулци.

– Ех, како беше кога ме носеа невеста… Од горе на ридот ме носеа, не се гледаше патот од народот, цело беше црневица народ. Цело село беше полно, а сега уште јас сум останата. Свекрвата не сакала да ме донесат кај неа дома се додека не се венчам во црквата. И било страв да не и избегам па да пукне некој срам – раскажа ведрата Душанка.

Додека разговаравме со баба Душанка седнати на дрвените трупчиња во дебелата сенка под оревот, таа се засрами што дел од гостите стоеле, а таа седела, па побара да седне на земја за да ни направи место. Понизноста која ја краси баба Душанка денес не се наоѓа никаде, а била особина на безброј генерации наназад.

– Младиве додека не се напијат кафе не сакаат да станат. Имавме 80 кози, 20 грла говеда… Се се работеше, не чекаш да ти заповедаат, стануваш сабајле и тргаш. Прашуваш одвечер кај ќе одиш и тргаш. Работевме од деца, никој не не прашуваше дали не боли или сме уморни. Од седум години сум со мотика и срп. На дедо ми му викаа „не го пуштај бе Крсто да работи, мало е“. . Тој велеше „нека го пече газот да види кај се раѓа лебот“. Многу беше работен. Врне, вее, пече, тој работи, воденичар беше – зборуваше Душанка со восхит за својот дедо.

Таа има двајца синови и една ќерка. Сите доаѓаат и и помагаат, дури ја молат да дојде во градот со нив за да не биде сама. Но, срцето ја влече за селото и спокојот кој и го дава природата.

– Како се живее сам? Кога падни, кога стани. Седам дома, лежам, еве и дрва ми донесоа. Имам телевизор, но не го пуштам, одмарам. Кога можев, работев во бавчата и садев цвеќиња. Не ми се оди во град, ми викаат да одам, ама подобро ми е тука. Викаат „мораш да се решиш некогаш, кога ќе паднеш кој ќе те крене?“. Во селото е поубаво,  сам си прднал, сам си мрднал. Не ми е срамота да речам, ама ќе речам, па стара сум.  Дедо ми викаше, се ќе турнам, ама староста не се турка – се присети баба Душанка за дедо и кој бил голем мудрец и постојано го слушале помладите.

Нејзиниот брат Кире бил професор по математика во гимназија. Но, нејзе не ја пуштале да оди на училиште.

– Ни приказни знам, ни писмо знам. Не сум писмена. Не не пуштале да одиме, сакале да работам. Во мое време се работеше се, пченка, жетва, лозје, овес, слануток, сусам… Добро се живееше, немаше ни кавга, немаше ни тужба. Селото беше 30 куќи, но како браќа беа сите – додаде таа.

Кога нема да ја посети некој од блиското семејство, на припомош на баба Душанка и се наоѓаат и доселениците сточари од околните планински села.

– Луѓево што се дојдени, се добри. Кога ќе ме видат со бардаците, веднаш сакаат да ми помогнат да ги однесеме. Многупати ќе направат сукано и ќе ми донесат малку – кажа таа.

На баба Душанка не и пречи самотијата толку колку што и пречи тоа што велешките села се испразниле и државите во светот ни ги собрале младите. Се присети на селската слава Петровден во нејзиното родно село Смилевци.

– На Петровден на три места свиреа зурли и тапани и три ора се играа. Се запустеа селата. Кога во Извор и Богомила нема народ, што сакаш на друго место. Јас во Прилеп имам роднини, кога сум одела со воз, вриеше народ, сега жива душа нема. Во градот и по државите се иселија младите – се натажи баба Душанка за момент, па и се врати насмевката откако и ветивме дека набрзо повторно ќе ја посетиме на чашка муабет, што би рекол дедо и Крсто.

Текст и фото: Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1