ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 07/30/21 10:25 AM

Не ги допирајте угинатите животни,  пријавете ги на апликацијата „Стоп беснило”

Ако месото од животно кое има беснило е термички обработено, не постои опасност луѓето да се заразат, но ако дојде до каснување или контакт со слуз и други екскрети, тогаш има таква можност. Тоа, сепак, не значи дека контактот на човекот со болното животно веднаш предизвикува зараза. Постои лекарски преглед, лекарска процедура, давање соодветни лекови и третман, рече директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски пред промоцијата на кампањата за пасивен надзор на беснилото што почнува денеска.

Според препораките на ветеринарите, секој што ќе види угинато животно, не треба да го допира. Најдобро е случајот веднаш да го пријави на 0800 00 210 или на мобилната апликација „Стоп беснило”.

АХВ денеска ја промовираше и кампањата за подигнување на јавната свест за здрава храна. Со овие две кампањи Агенцијата го одбележува завршувањето на проектот „Подобрена имплементација на законодавството во делот на здравјето на животните, безбедноста на храната и фитосанитарната област и соодветните информациски системи”, вреден 1,6 милиони евра, што се реализираше изминатите две години во рамки на ИПА 2015, со финансиска поддршка од Европската унија. Носител на проектот е АХВ, а спроведувањето беше во соработка со Фитосанитарната управа, Државната фитосанитарна лабораторија и Државниот инспекторат за земјоделство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Безбедноста на храната е еден од најбитните фактори за зачувување на здравјето на луѓето и домашните животни, потенцира директорот на Агенцијата.

Раководителот на секторот за операции при Делегација на ЕУ во Скопје, Штефен Худолин порача дека е клучно да се воспостават одржливи механизми за производство на храна.

-Алармот е веќе вклучен. Човештвото користи многу повеќе ресурси отколку што произведува. Мора да престанеме со фрлање, да ја зголемиме свеста кај луѓето, истакна Худолин.

 

МИА

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1