ММС

Објавено на: 08/4/21 10:00 AM

Автопералните и забавните паркови прават милионски суми во лето, а не издаваат фискални сметки

„Ако не сакате други да ви го перат автомобилот, доаѓате со ситни пари, ги ставате во автоматот, ја земата прскалката и за пет-шест минути ви е како нова„ стои на една од рекламите за самоуслужни автоперални кои во последните три години се најбрзорастечка услужна дејност буквално во секој град.

Кога ќе дојдете до автоматот на пералната, пишува дека тој прима метални и книжни пари во вредност од 5, 10 и 50 денари, кусур не враќа и не издава фискална сметка.

Автопералните и забавните паркови во кои има рингишпил, картинг и разни забавни игри генерираат високи приходи во летниот период, но не издаваат фискални сметки за своите услуги. ММС анализираше како е регулиран прометот во овие дејности, како е регулирано готовинското плаќање и кој се треба или не треба да ви издаде фискална сметка.

Според Законот за регистрирање на готовински плаќања, ако имате регистриран автомат за продажба кој работи со моменти и книжни пари какви што се автоматите на пералните или некои автомати за кафе, не е потребно да се инсталира фискален систем. Ако во автоматот се внесуват жетони купени од продажно место, тогаш даночниот обврзник е должен да издаде фискална од каде што го продал жетонот.

Но, граѓаните постојано се жалат дека не добиваат фискални со купениот жетон.

„Забавниот парк со електрични колички во нашиот град е еден месец. Доаѓаме често да се повозиме, но никогаш не сме добиле фискална сметка заедно со жетонот кој го купуваме на каса“, рече родител кој со своите деца чекаше ред да ги повози на електричните колички во забавниот парк.

За едно возење се плаќа 40 денари, а на платформата има околу 20 електрични автомобили кои секогаш се полни. Едно возење трае неполни пет минути, што значи дека за еден час може да се извозат 200 лица. Според пресметките, операторот остварува приход од 7.000-8.000 денари на час или 50.000-60.000 денари за една вечер ако се земе во предвид дека работи од 18 до 24 часот, сума за која не е издадена ниту една фискална сметка.

Во време на дигитализирани паркомати, кафемати, неиздавањето фискална значи сива економија. Од министерството за финансии по чија надлежност е Законот за регистрирање на готовински плаќања, не добивме одговор што се презема како мерка за да се спречи оваа појава.

Од Управата за Јавни приходи за ММС одговорија дека правното лице е должно сите парични средства од дневниот пазар примени во готово по кој и да било основ да ги уплати најдоцна наредниот работен ден на својата трансакциска сметка.

„Согласно Законот за ДДВ кога се користат автомати за продажба на добра или за извршување услуги, кои работат со монети, книжни пари или жетони, време на настанување на даночниот долг е денот на кој монетите, книжните пари или жетоните се вадат од автоматот. Регистрираните  даночни  обврзници за целите на ДДВ имаат обврска данокот на додадена вредност  да го  пријават и платат  месечно или тримесечно, во зависност за кој  даночен  период се регистрирани“.

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1