ММС

Објавено на: 07/29/21 10:00 AM

(Видео) Роналдо и Меси никогаш нема да играат за нас – Светско првенство во фудбал, пиво и скара во Долни Дримкол, традиција за почит, трае 53 години

Старите велат „кај и да си, за Божиќ дома да си“, а иселениците од живописната струшка област Долни Дримкол велат “кај и да си, за викендот пред Илинден, да бидеш на фудбалскиот турнир во Дримкол“. Многумина во Македонија не знаат дека во месноста Горно село во Луково, од 1968 година наваму, освен лани поради пандемијата, секоја недела пред големиот христијански празник Илинден, односно последната недела во месец јули, се одржува најголемиот фудбалски турнир во регионот, кој е дел од манифестацијата „Долнодримколски Илинденски средби“.

– Сите иселеници и печалбари каде и да се за овој ден си планираат да бидат во својот Долни Дримкол затоа што дел од нив имаат обврска да ја одржат една од најстарите традиции во струшко и околината. Долнодримколчани едноставно живеат за овој ден – истакна за ММС, Горан Балоски, кој неколку години наназад е дел од организацијата на средбите.

На 53-то издание на  турнирот, кој се одржа викендов,  учествува десетте долнодримколски села: Луково, Модрич, Дренок, Нерези, Безево, Пискупштина, Јабланица, Бороец и Лакавица, и Горно Луково. Организатор е месниот одбор на селото Луково, кој формира посебно тело: Организационен Одбор на Долнодримколски Илинденски Средби, кој е должен целосно да го организира турнирот во фудбал и другите останати настани: отворање на средбите со голем концерт со македонски естранди уметници во петок навечер. Годинава честа да направи забава имале фолк пејачите Стојне Николова и Дарко Стојаноски.

– Настанот се одржува високо над Луково во прекрасна природа кај што извира најстудената вода од изворот Каланоец. Токму на изворот се ладат сите пива и убавата дримколска ракија. Велат, пивото е за три минути ладно како камен во водата на изворот Каланоец. Од почетокот на турнирот од девет часот наутро до 18 часот попладне се пијат над стотици гајби пиво и уште толку на свеченото отворање, па и додека има други активности.

Скарата чади уште во петок навечер, но не сме во можност да кажеме точно колку месо ќе се изеде затоа што чадат и многу приватни скари под дебелените сенки на дрвјата – додаде Горан Балоски.

Порано се собирале по 5.000-6.000 луѓе, а сега поради пандемијата имало околу 2.000-3.000 луѓе. Мештаните, иселениците и гостите, меѓу кои традиционално доаѓа и поранешниот кошаркарски селектор Марин Докузовски кој потекнува од Дренок и е најголем навивач на тимот од своето село.

– Таму сите си подаваат рака, се дружат играат и пеат, ама и сите уживаат и навиваат за фудбалерите од своите села, кои пак според ждрепката некои играат и по четири натпревари на ден за да стигнат до победа, која овде значи поголема титула и од светско првенство. Не случајно овој крај дал и големи спортисти како на пример тренерот Игор Ангелоски, кој има долнодримколски корени и е често наш драг гостин,  Марин Докузоски исто така со задоволство е секогаш присутен и многу други големи имиња од македонскиот спорт и култура. Доаѓаат реки од народ не само од Долни Дримкол туку и од цела Македонија. Секој кој еднаш слушнал и дошол, сигурно уживал  во тој невообичаен и единствен турнир од ваков карактер – раскажа Балоски.

Целта на турнирот не е од материјален карактер и никој не игра за пари. Награди обезбедува органицискиот одбор. Побединиците добиваат пехар во трајна сопственост и преоден пехар кој може трајно да се освои доколку некој успее три пати по ред да го освои турнирот. Победникот добива и гарнитура дресови, понекогаш и комплет тренерки, а поразениот сребрени медали и гарнитура дресови. Но, не секој од Македонија има шанса да учествува на турнирот на кој, како што велат,  вода може да му носи и Македонската прва лига, според бројот на публика на стадионите.

– Целта на турнирот не е од материјален карактер и никој не игра за парични средства. Учесници се исклучиво само десетте села од Долни Дримкол. Во екипата не смее да има играч кој не потекнува од Долни Дримкол, а тоа значи дека право на настап немаат ниту Кристијано Роналдо ниту Лео Меси затоа што немаат дримколско потекло – гордо зборува Горан Балоски за најдобрата летна забава во струшкиот регион заблагодарувајќи им се на сите, што помогнале на било каков начин за манифестацијата.

Додаде дека и за најмладите имало натпреварување во рамки на турнирот, во дисциплината трчање на 100 метри. Се трчало двапати, еднаш момчињата, потоа девојчињата, а најдобрите тројца добивале и награди.

Екипата на Дренок

 

Орце Костов

фото: Приватна архива Фејсбук

 

 

1x1