ММС

Објавено на: 07/28/21 11:51 AM

Грда слика! Тетово не личи на град, туку на депонија, а тетовчани живеат во смрдеа

Во Тетово речиси да не постои мало каде нема дива депонија. Секаде каде што има поставено контејнери од кои поголемиот дел се уништени и без тркала, сметот завршува низ улиците и тротоарите формирајќи мини диви депонии низ градот, од каде се шири неподнослива смрдеа. Екипа на ММС викендов се прошета низ Тетово и она што го забележа не може никоја остане рамнодушен а да не запраша: „Како живеат лугето овде?“.

Оваа појава, велат тетовчани,  е во текот на целата година, но особено е изразена во летниот период поради создавањето на поголеми количини на комунален смет на дневна основа, но и печалбарите кои се дојдени дополнително го зголемуваат отпадот во градот кој не завршува на вистинско место.

Граѓаните велат дека во Тетово состојбата со сметот од година в година е се полоша, а надлежните не преземаат никакви мерки.

-Порано имаше дива депонија на влезот од градот каде се претовараше сметот, сега тој смет од дивата депонија ни е распореден низ целиот град. И порано имаше вакви кризи со смет, но таа криза траеше можеби десетина дена највеќе, сега цело лето ние граѓаните на Тетово, град која ја води таканаречената зелена партија тоне во смет. Смрди многу, од самиот смет се цеди течност кој останува низ јавните површини кој никој не го пере, трагедија голема е ова што му се случува на нашиот град. Се размислувам да се отселам, не се трпи ова повеќе, рече една жителка на Тетово.

Откако ДУИ објави дека се ребрендира во зелена партија , во Тетово, град со кој оваа партија раководи 8 години работите од еколошка гледна точка се влошуваат.

Од Еко Герила, велат дека условно кажано зелената агенда на ДУИ го стави Тетово на врвот на најзагадените градови, со голем број диви депонии.

-Парите наменети за чиста животна средина, очигледно завршуваат на друго место.  Тие пари повеќе се трошат за службени возила, отколку за изградба на современи депонии кои треба да работат според стандарди како и купување на камиони за собирање на отпад. Повеќе од еден месец како ДУИ се ребрендираше во зелена партија, но не покажува ниту малку волја. Пример се градовите кои ги води токму оваа партија, а се едни од најзагадените, истакнаа од Еко Герила за ММС.

Поради проблемот со отпадот со реакција излегоа од опозиционата партија Алијанса за Албанците.

-Многу ми е жал што со оваа слика во мојата позадина треба да ви посакам добредојде во градот Тетово, но, оваа глетка е наше секојдневие. Оваа глетка ни ги боде очите и не само тука, туку на секој дел од градот.Општина Тетово постојано ги менува директорите на комуналното претпријатие но, состојбата останува иста. За чудење е како едно јавно претпријатие кое што собира средства, влегува во долг и ги остава вработените без плата, без осигурување и потоа продолжува по истиот терк, истакна Музафер Етем од Алијансата за Албанците кој прес конференцијата ја одржа пред православните гробишта во Тетово каде има создадено дива депонија во должина од стотина метри.

И додека Тетово летово тоне во смет, од Јавното комунално претпријатие „Тетово“ се правдаа дека дека пандемијата создала големи тешкотии на претпријатието, кога  количеството на смет кое треба да се собере е зголемено за 60 %.Оттаму сметаат дека откако ќе се набават големи полуподземни контејнери процес кој е во тек, ќе се ублажи проблемот со купиштата смет на јавните површини.

Освен проблемот со комуналниот смет кој е натрупан насекаде низ градот, општината го нема решено ниту проблемот со станицата за претовар на комуналниот смет кој се собира на дневна основа, а која е лоцирана во близина на тетовското село Фалише. Таму наместо во специјална машина односно низ инка, отпадот пред да се однесе во скопската депонија Дрисла се истура директно на земја, загадувајќи ја почвата, подземните води како и воздухот.

За овој хорор, кој со години го живеат тетовчани ММС побара одговор од најнадлежната, мајката на градот, градоначалничката Теута Арифи, која втор мандат седи во првата градска фотеља.  Во прашањата што ги упативме до неа таа ни рече дека во текот на летните месеци бројката на граѓани се зголемува поради иселениците, кои и оваа година се присутни, посебно од 10.07 до 15.08, а со тоа и количината на смет во градот е за повеќе од  три пати зголемена. Па така ако во обичен период од годината ЈКП „Тетово“ собира по 90 тони ѓубре на ден за овој период дневно се подигаат и повеќе од 200 тони .

-Екипите вршат редовно дневно подигање по распоредот кој им е утврден со сите расположливи капацитети . Во моментов  сме во процедура на набавка која треба да заврши за две недели кога и ги очекуваме да пристигнат вкупно 330 нови обични контејнери и 24 полуподземни контејнери како и нови возила. Со цел целосна ревитализација на ЈКП ние аплициравме за снабдување на полуподземни контејнери за 24 локации низ градот како и набавка на две специjализирани возила за собирање на истите, ни одговори градоначалничката.

Со оглед на тоа дека дел од вината за Тетово да се претвори во депонија ја имаат и несовесните граѓани, кои не внимаваат каде го фрлаат сметот, од кабинетот на Арифи велат дека тие постојано апелираат.

-Се разбира дека во план се едукативни предавања кои ќе се однесуваат не само на подигање на јавната свест во правец на нефрлање на отпадоци насекаде туку и зачувување на новите контејнери кои ќе бидат поставени, велат од општината.

Во пресрет на локалните избори ММС ја праша Арифи дали ќе побара доверба од граѓаните за трет мандат.

-Што се однесува на кандидатурата за трет мандат  ДУИ има свои политики за мерење на анализите што треба да се направат. Партијата одлучува за кандидатот. Партијата прави свои мерења. Секогаш на избори излегуваме според тие мерења. Ако партијата процени дека најдобар кандидат за Тетово сум јас, тогаш ќе бидам јас, ако проценката е поинаква, тогаш одлуката ќе биде поинаква, ни рече Арифи.

Арифи не одговори на прашањето што работи комуналната инспекција. Односно која е функцијата на комуналните инспектори во општината, дали спроведувале акции и ако спорведувале колку казни за несовесни граѓани до сега се изречени.

(З.Д)-(В.М.)

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1