ММС

Објавено на: 07/28/21 9:38 AM

(Видео) Само медалот на Дејан Георгиевски е вистинско сребро, другите се направени од рециклирани лаптопи и смартфони

Годинешните Олимписки игри се единствени и по тоа што за првпат за изработка на медалите е користена рециклирана електроника.

Малку кој знае дека олимпискиот медал е всушност направен од чисто сребро и поседува само шест грама позлата. Сребрениот медал не лаже никого и навистина е сребрен, што значи дека нашиот таеквондист Дејан Георгиевски кој вчера се закити со ова одличје, дома ќе го донесе баш вистински медал.

Бронзениот медал е легура која се состои од 95% бакар и 5% цинк (вистинската легура на бронза има 12% калај и малку од другите метали како што се алуминиум, никел или цинк).

Вредноста на Олимписките медали најмалку има врска со материјалот од кој е направена, а оваа година медалите кои ги добиваат најдобрите на светот се направени од рециклирана електроника која ја има во огромни количини.

Благородните метали се високоспроводливи, а некои имаат и својства како што е антикорозивноста. Со специјален процес од електрониката можат да се одвојат благородните метали кои можат да се користат и во други цели, во случајов за медалите на Олимписките игри.

Првиот спортист кој доби златен медал на ЛОИ, односно медал направен од рециклирана електроника е јапонската натпреварувачка во дисциплината воздушна пушка 10 метри за женио, Кијан Јанг.

Уште пред четири години беше најавено дека медалите во Токио ќе бидат направени од рециклиран материјал и затоа беше започната кампања на собирање на непотребни уреди за да се извадат металите од нив и да се искористат за изработка на одличјата.

Корисниците можеле да донесат се, од паметни телефони и дигитални камери, преку матични плочи и графички карти за компјутер, до конзоли и лаптопи. За година и пол биле собрани 48.488 тони опрема и повеќе од пет милиони телефони.

Да се направат 5.000 медали за Олимписките и Параолимписките игри, организаторите за 14 месеци од електронскиот отпад извадиле околу 2.700 килограми бронза, а за 18 месеци дури 28,4 килограми злато од потребните 30,3 килограми и 3.500 килограми сребро од потребните 4.100 килограми.

Целта на медалите од рециклирана електроника била да се сврте вниманието на огромната количина отпад која човештвото ја генерира секој ден и да се подигне свеста за загадувањето.

Игрите во Токио се првите во историјата чии медали се направени целосно од рециклиран материјал, но ова не е единствена идеја. На претходните Олимписки игри во Бразил организаторот користеше рециклирани материјали за 30% од среброто користено за сребрените и златните медали, а благородните метали ги извади од стари делови за автомобили, од огледала и плочи за рентген.

Се очекува и следниот домаќин на ЛОИ, Париз, да ги следи стапките на Јапонија во 2024 година.

 

Извор: Mondo.rs/Olympics.com

Фото: Marca.com/usatoday.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1