ММС

Објавено на: 07/27/21 2:59 PM

Напад врз државната администрација е изјавата на премиерот дека корупција има, но не кај директорите и министрите – реагира Синдикатот на УПОЗ

Паушална е изјавата на премиерот дека корупција има, но не високите ешалони на власта – се огласија денеска со писмена реакција од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани  (УПОЗ). Оттаму оценуваат дека ваквата изјава која вчера Заев ја даде за медиумите претставува  напад на државната администрација како единствен виновник за лошата перцепција на граѓаните дека таа е неработна, а сега и корумпирана.

Притоа се заборава дека тоа влијае врз целокупниот имиџ на Владата и државата – предупредуваат од УПОЗ.

Корупцијата како механизам за придобивање на материјални и други придобивки за лична корист, не може да се гледа издвоено, во само еден сегмент на власта односно администрацијата, како што напомена премиерот Заев, без притоа не се спомене корелацијата со врвот на истата, особено што партиското поставување на кадри и организацијата која е хиерархиски поставена, е взаемно поврзана – се додава во денешната реакција на Синдикатот.

Оттаму нагласуваат дека корупцијата е сериозно прашање за сите вработени, и затоа предлагаат заедно со Владата како социјални партнери заеднички да се вклучат во нејзиното сузбивање бидејќи таа е закана за иднината на државата.

Синдикатот на УПОЗ најави дека утре ќе одржи прес конференција, на која подетално ќе се произнесе по ова прашање.

 

Фото:  Архива


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1