ММС

Објавено на: 07/27/21 2:39 PM

Во иднина нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице

Во иднина нападот врз новинари ќе се третира исто како напад врз службено лице, а ќе се воведат строги казни и за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на Здружението на новинари, чиј претставници активно учествуваа во Работната група која ги подготвуваше измените на КЗ.

За ова денеска информираше на прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ, кој посочи дека Владата на денешната седница, што се уште е во тек, усвоила повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, а првите се однесуваат на новинарите. Со тие измени, нагласи тој, се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Министерот Маричиќ очекува овие законски измени кои веднаш, како што рече, ќе бидат проследени во Собранието, да бидат усвоени во септември.

Со овие измени, потенцира Маричиќ, ставаме крај на можности за минати пракси неказнивоста за насилствата врз новинарите и кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудени на живот во постојан страв од политичката и институционална одмазда поради професионалното извршување на својата работа.

Тој уште еднаш ги повика сите останати институции во државата, обвинителството и судовите, да постапуваат максимално ажурно и професионално за сите случаи на напад или против медиумските работници.

Дополнително, посочи Маричиќ, на владината седница поминале и измените на Законот за граѓанска одговорност, каде што има значително намалување на сумата што ќе ја плаќаат новинарите или пак медиумите, ако евентуално изгубат спор за клевета или навреда.

–  Конкретно, новинарите во иднина ќе плаќаат максимални 400 евра за клевета и навреда, за разлика од минатото каде што оваа сум изнесуваше 2.000 евра. За уредниците, со измените надоместокот на штета не смее да биде поголем до 2.000 евра. За потсетување по постојниот закон тој е 10.000 евра. За правното лице пак, од 15.000 се намалува на максимални 5.000 евра. Односно, пет пати намалување за новинарите и уредниците и три за медиумите, информираше министерот за правда Маричиќ.

 

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1