ММС

Објавено на: 07/27/21 7:00 PM

Сонувам кога Тео сам ќе пушти чекорче и да рече „мамо“ – Со Мартина од Скопје за мајчината болка и борбата за здравје на нејзиното 2.5 годишно синче

Дали е лекарска грешка или не, не е целта на оваа приказна за малиот Тео од Скопје, тоа судот ќе си го каже. Целта е како можеме да му помогнеме на ова мало срце да си го олесни животот. Премалку се неговите 2.5 годинки  за да можат да ги издржат маките низ кои поминува уште од раѓањето. Да, неговата борба за живот почнува токму тогаш. Тео ја немал среќата по првиот плач да ја почувствува прегратката на мама Мартина, туку пет месеци поминал на интензивна нега. Неговата мајка за ММС ни ја раскажа борбата за здравјето на Тео, за проблемите со кои се соочуваат и за вербата дека во болница во Турција ќе му се олеснат здравствените маки на ова момченце, кое сеуште не оди и зборува, а не може ниту да голта.

-Тео ми е единственото дете. Се породив во 38 недела, се беше во ред додека бев бремена, имаше 3.100 килограми. Кога се породив одеднаш ништо не чинеше, му даваа 72 часа за да преживее. Настанаа уште некои проблеми, што нема да ги раскажувам тука, бидејќи се води судска постапка, но сметам дека како резултат на тие случувања детето ми е во ваква состојба и со вакви проблеми. Веднаш по породувањето Тео беше однесен на интензивна нега и пет месеци лежеше таму, на кислородна поддршка, додека почне сам да диши. Има проблеми со мускулатурата, го изгуби актот за голтање, се храни преку сонда, која влегува од носето до желудникот. Од шест месеци почнав да го носам по физикална и тоа на приватно, бидејќи бев на државно и многу се разочарав. Кога го однесов, детето ми го повежбаа 15 минути и ми рекоа дојди за две недели. Па каков напредок би имало ако вежба еднаш во две недели. Затоа од шест месеци го носам по приватно и колку толку има подобрување, барем нема искривување на зглобови. Тео има спазми, гчеви и проблем со голтањето. Се што правам правам сама, нема лекар кој ќе ме насочи и ќе ми каже оди таму, направи ова. Многу големи разочарувања имав низ нашиве болници. Поради сондата нон стоп устата му е отворена, нон стоп  е со инфекции, имунитетот му е слаб, затоа внимавам и не го мешам со луѓе. Потоа почна да има епилептични напади, па сега со терапијава малку му е подобро. И таа терапија сами ја нарачуваме од странство. Ова е само мал дел од она што јас и Тео го имаме поминато низ болниците, вели мајка Мартина.

По совет на лекар Мартина сака Тео да го однесе во Турција на клиника, кои ветиле дека голтањето на Тео може да му се врати и ќе може да се храни нормално. Но, вели Мартина, 1.200 ева е дневно во таа болница, бидејќи освен за голтањето тие ветиле дека со физикални вежби со роботика може да му се врати и одењето, колку толку. Затоа на ова семејство му е потребно 150.000 евра, кои никако не се во можност да ги најдат, бидејќи заради Тео Мартина не работи и живеат само од една плата.

-Ми рекоа дека четири месеци мора да поминеме во болницата за да има Тео напредок. За сите тие работи ни се потребни 150.000 евра. Свесна сум колку е многу ама што да правам. Неколку доктори сум прашала за совет и сите ми рекле -носи си го детето некаде надвор, не чекај.  Тео сеуште не оди и не зборува. Откако наполни една година му исклучивме дел од терапијата и дури тогаш малку се опушти и почна да разбира, да се смее. Не е добар ни со рамнотежата, но еве веќе го ставам по 10 до 15 секунди да седи. Се обидува да каже нешто, испушта звуци но, далеку е од зборување. Не кажал ниту мама ниту тато до сега. Тео го водат дека боледува од церебрална. Никој не знае како ќе напредува, но јас како мајка не можам да го оставам така да се мачи ако веќе во Истанбул ми кажале дека ќе има подобрување. Од физикалната во Турција многу се фалат, има деца кои се исправиле на нозе. И затоа нашата надеж е многу голема, вели мајката.

Мартина не може сеуште да си дојде на себе од разочарувањето кое го доживеала кога го родила Тео. Односно, како што вели таа, нејзе девет месеци додека била бремена и кажувале дека се е во ред, но по раѓањето на детето испаднало дека ништо не е во ред.

-Па јас тоа мое разочарување не можам да го опишам.  За секоја мајка породувањето е најубавиот момент, а мене што ми се случи.  Што повеќе од ова да кажам.  Ете, да знаев дека така се формирало детето, па ете така требало да биде. Но, не можам да се помирам со тоа, а  девет месеци редовно да одев на контрола, многу внимавав и на крајот низ ова да поминуваме и јас и детето. Тео веќе ме познава, почна да се смее, да ми се радува. Малку се потсреди бидејќи беше многу преплашен. Па тој толку многу е боцкан што нема веќе вени каде да го боцнат. Навистина беше преплашен, а сега дури почна и да сака да оди на физикална. Минатата година одевме да ставаме гастро стома, да му биде полесно. Но, не можеа вена да му најдат, уште повеќе се преплаши, се вознемири и се вративме, рече Мартина и додаде:

„Тешко е со дете со посебни потреби, сам на себе си оставен, мораш да поминуваш низ тоа. Тешко е да се опише маката, повеќе сме во болница отколку дома. Срцето ти се кине кога како мајка си го гледаш детето низ какви маки поминува. Затоа толку голема надеж имам за лекувањето во Турција. Очекувам да пројаде бидејќи Тео голта, само му е потребна голема стимулација и вежби и да успеат физикалните за да биде подобро. Тео сеуште не оди и очекувам и се плашам да се радувам ама навистина посакувам да прооди и сам да се храни. Работата е да не дојде до континуирано искривување на зглобовите. Сонувам кога Тео сам ќе може да пушти чекорче.  Заедно ќе одиме во Турција со сопругот, кој цело време е до мене и помага. Гледајќи по себе очекувам дека ќе има хумани луге да донираат и да ни помогнат. Јас за дете не сум испуштила да не донирам. И ги молам, барем да му дадеме шанса на Тео, ни рече мајката.

Првите пет месеци од раѓањето додека Тео лежел на интензивна нега Мартина и сопругот Иван решиле духовно да побараат помош, да му се помолат на Господ за здравје на нивното чедо, па заминале во манастирот Острог.

-Додека тој лежеше во болница со маж ми одидовме на Острог, во тие моменти не знаш кому да му се обратиш за да ни биде полесно и да се посветиме на големата борба што не чекаше. Така сами од себе одлучивме да заминеме во манастирот, сме слушале дека се случуваат чуда. А ние посакувавме да ни се случи чудо. Верувавме дека мирот ќе го најдеме во манастирот, дека полесно ќе ни биде во борбата.  Спиевме таму една вечер. Велат дека нешто требало да се сонува, но ние ништо не сонувавме, само се молевме да ни преживее детето, бидејќи, како што ми рекоа- нема да ти издржи детево, ќе ти почине. После Острог поголема ни е вербата иако не сме се помириле,  но сме помирни колку можеме баш заради Тео. Затоа ќе речам, Тео е во рацете на Госод и се надеваме. Од моментот кога се роди до сега има подобрување и затоа надежта не не напушта. Јас бев и во црквата „Св. Никита“ на Скопска Црна Гора, каде има камен кој исполнувал желби. Два пати со сопругот бевме сами и еднаш со нас го носевме Тео, дури и црквата ја отворивме. Веруваме, Господ е голем, штом ми го остави жив значи дека има надеж, а таа нема да не напушти додека сме живи, ни рече на крајот Мартина.

Весна Миленковска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1