ММС

Објавено на: 08/3/21 10:00 AM

Само 3.265 бугарски таблички станале македонски и само 6,5 милиони евра ќарила државата – Дава ли резултат мерката за увоз на странски возила?

Вкупно 3.265 возила со бугарски таблички, најголем дел од нив во сопственост на граѓани кои поседуваат бугарски пасош, биле оцаринети од почетокот на примената на Законот за  регистрација на возила со странски регистерски таблички.

Владата на крајот на ноември лани го усвои предлог-законот и експресно беше донесен од македонските пратеници во Собранието и покрај реакциите на еколошките организации кои сметаа дека ова законско решение само ќе го стимулира носењето на стари возила од Европа во земјава.

Целта на владината одлука беше да се регистрираат возилата со странски таблички со намалени давачки до 50 отсто од утврдената вредност на сите давачки кои се наплатуваат при увоз на возила од страна на надлежните државни органи. Ваквата поволност важи за сите возила со најмалку еуро4 стандард кои влегле во земјава заклучно со 1 октомври 2020 година и трае една година, односно до следниот ноември.

„Сопственикот или корисникот на возилото или лицето кое ќе го купи возилото, треба да ги има регулирано царинските и даночните обврски за возилото во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон и да поседува важечка сообраќајна дозвола, осигурување и зелен картон. Законот ќе се применува за времетраење од една година “, објави тогаш Владата.

Владата смета дека мерката дава ефект, односно дека се помал е бројот на моторни возила со бугарски таблички кои сообраќаат на нашата територија.

„Со оваа мерка се обезбеди системско регулирање на учеството на овие возила и дополнителен приход кон буџетот, кои ќе бидат наменети за проекти од интерес на граѓаните. Од друга страна, граѓаните добија олеснителна околност да ги регистрираат сопствените возила во сопствената држава и не да мора да патуваат до Република Бугарија за регистрација.  Од почетокот на примената на Законот за регистрација на возила со странски регистерски таблички, вкупно се оцаринети 3.265 возила со бугарски таблички“, открија од Владата за ММС.

Дел од јавноста сметаше дека возачите кои имаат возила со бугарски регистарски таблици и поседуваат бугарски пасош, не ги префрлуваат на македонски ознаки поради високата вкупна цена на регистрацијата. Но, мерката на Владата стимулирала над 3.000 граѓани да го искористат намалувањето на вкупните трошоци за регистрација, а со тоа и да се намали бројот на „бугарски„ возила во градовите, посебно во Источна Македонија и струмичко каде што се претпоставува дека секое петто возило било со бугарски регистарски таблички.

Откако Министерството за економија го донесе Правилникот за поединечно одобрување на возила, стартуваше регистрацијата на странските возила.

Лани пак, од страна на Бирото за метрологија биле издадени вкупно 14.030 одобренија за возила (увезени 14.030) за период од 1 јануари 2020 до 1 октомври 2020 година, истакнаа од Владата за ММС.

Владата ја правдаше мерката дека со неа ќе се обезбеди системско регулирање на учеството на возилата со странски регистарски таблички во сообраќајот и дека во државниот буџет од регистрациите ќе се влеат 25 милиони евра. Но, досега се собрани само 400 милиони денари или 6,5 милиони евра од увозни давачки, а помина половина година од објавувањето на мерката.

„Во текот на овие месеци вкупно се наплатија 400 милиони денари како увозни давачки за возилата со странки регистерски таблички“, рекоа од Владата за ММС.

Орце Костов

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1