ММС

Објавено на: 07/30/21 11:21 AM

За несовесните „тротинетџии“ глоба до 80 евра – Возачите на електрични тортинети секојдневно прават прекршоци

По велиспедска лента, пешачка патека или тротоар се должни да се движат возачите на електрични тротинети согласно Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата. Сепак, според она што може да се забележи низ улиците, секојдневно се прекршува овој Закон, кој до пред неполна година не го регулираше сообраќајот на електричните тротинети. Нивното зачестено присуство ги „притисна“ надлежните да ја изменат легислативата и конечно на хартија да бидат ставени правилата според кои ќе треба да сообраќаат возачите на овие превозни средства.

ММС праша во МВР какви се казните со кои полицијата ги санкционира возачите на електрични тротинети и колку всушност, полициските службеници на терен го регулираат и контролираат овој сегмент од сообраќајот.

Од Министерството информираат дека најчестиот прекршок поради кој полицијата ги санкционира возачите на електрични тротинети е тоа што се движат по сообраќајни површини каде што за нив движењето не е дозволено.

-Полициските службеници при секојдневното работење вршат контроли на возила и возачи и други учесници во сообраќајот на патиштата, вклучително и контрола над возачите на електрични тротинети, со соодветни технички средства и уреди – се додава во одговорот од ресорното министерство.

Статистиката на полицијата нотира 11 сообраќајни незгоди со електрични тротинети во првата половина од оваа година. Притоа, три лица се здобиле со тешки телесни повреди, а осум лица се здобиле со лесни телесни повреди. Во текот на цела 2020 година пак, телесни повреди се констатирани кај 15 лица учесници во сообраќајна незгода со електричен тротинет, а двајца се здобиле со тешки телесни повреди. Една сообраќајка со електричен тротинет била кобна за 26 годишен битолчанец, кој управувал со вакво превозно средство.

Од Министерството за внатрешни работи за ММС посочуваат дека возачите на електрични тротинети се сѐ почести учесници во македонскиот сообраќај, поради што било неопходно тоа да се регулира во законска рамка.

-Со законското регулирање на ова категорија учесници во сообраќајот произлегоа правила и обврски за нивно учество во сообраќај како и права и обврски кон нив од страна на другите учесници во сообраќајот. Со самото регулирање во законска рамка на ова категорија на учесници во сообраќајот на патиштата, се придонесе за поволна безбедносна состојба – сметаат од МВР.

Според новите законски измени, електричен тротинет може да управува лице кое навршило 14 години и тоа по велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку тие не се изградени, по пешачка патека, односно друга површина наменета за движење на пешаци ( се забранува движење со тротинет на коловоз).

Возачот на електричен тротинет, не смее да се движи по велосипедска патека односно лента со брзина поголема од 25 km/h,  а по тротоар и пешачка патека, не смее да се движи со брзина поголема од 6 km/h.

Возачите кои ќе постапат спротивно ќе добијат парична казна во износ од 50 односно 80 евра во денарска противвредност, предвидува Законот. Педесет евра во денарска противвредност е и казната за оние возачи на електрични тротинети без заштитен шлем на главата.

Електричните тротинети стануваат се поактуелни и како што велат од РСБСП нивното присуство во сообраќајот нуди алтернативи за надминување на проблемот со сообраќајниот метеж, но носи и закани за сообраќајната безбедност. Токму затоа, оттаму апелираат да се почитуваат правилата и прописите, кои меѓу другото предвидуваат возачот на електричен тротинет да не превезува други лица или да води животни додека управува со возилото, а доколку двајца или повеќе возачи на вакво превозно средство се движат во група, должни се да се движат еден позади друг.

Вања Мицевска

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1