ММС

Објавено на: 07/26/21 8:32 AM

Скопје одбележува 58 години од катастрофалниот земјотрес

Скопје денеска со повеќе активности и манифестации ќе одбележи 58 години од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога се разбуди во урнатини под кои 1.070 лица го загубија животот, а 3.000 беа повредени.

Традиционално, во 10 часот, пред Споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес на Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции ќе положат цвеќе. Цвеќе ќе положат скопскиот градоначалник Петре Шилегов и делегација на Советот на Град Скопје.

Општинската организација на Црвениот крст од Кисела Вода во соработка со Институтот за трансфузиологија ја организира традиционалната крводарителска акција. Акцијата ќе почне во 9 часот и ќе трае до 17 часот, во Дневниот центар за дарување крв во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз”.

Во Музејот на Град Скопје во 19 часот ќе се одржи поетско читање на Организацијата на жени на Град Скопје, а во 20 часот ќе се отвори изложбата „Колаж на еден разурнат град”.

Во 19 часот ќе се одржи и свеченото пуштање во употреба на новиот кеј „13 Ноември”, на кое ќе присуствува градоначалникот Шилегов. Ќе има и настап на Градски дувачки оркестар и изложба на отворено „Сигналитика на централното подрачје на Скопје”.

Во Национална опера и балет во 20:30 часот, како дел од 42-то издание на „Скопско лето”, ќе се одржи балетската претстава „Сви марш на плес” (Balkan Dance Project). Ќе учествуваат танчери од земјава, од Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Србија.

Програмата за одбележување на 26 јули ќе биде заокружена со централниот настан во 21 часот во Градскиот парк, каде што ќе се одржи концерт на Филхармонија и „Архангел”, насловен „Филхармонија и Архангел за Скопје”. На концертот ќе присуствува и градоначалникот Шилегов.

Катастрофалниот земјотрес во Скопје се случи на 26 јули 1963 година во пет часот и 17 минути, а помали потреси имаше до пет часот и 43 минути. Беа урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе остана без покрив над глава.

 

фото: Марх.мк

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1