ММС

Објавено на: 07/25/21 1:26 PM

Вчера 170 пијани и 556 возачи што возеле пребрзо – МВР и РСБСП продолжуваат со превентивната активност

МВР и РСБСП  продолжуваат со  едукативни, сообраќајно превентивни активности во рамките на „Летната кампања 2021″ , но истовремено продолжуваат и  засилените контроли на сообраќајната полиција,  се со цел безбедно лето и помалку настрадани лица на улиците и патиштата.

Статистичките податоци покажуваат дека во летниот период се зголемува бројот на сообраќајни незгоди, а од нив голем дел се последица на заморот. Водејќи се од тоа,  МВР и РСБСП преку едукативни материјали и преку дистрибуција на вода, ваучери за кафе, маици и друг едукативен материјал и преку  едукативни разговори и советување ги потсетуваат возачите  да не ги преценуваат своите возачки способности, да не си поставуваат нереални цели во патувањето туку напротив да патуваат одморени, наспиени и да одмараат веднаш штом ги почувствуваат првите знаци на замор.

Брзото возење и возењето под дејство на алкохол  исто така се  во групата на  главни причинители на сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици и  токму затоа во рамките на Летната кампања 2021,  МВР и РСБСП посветуваат големо внимание на овие ризик фактори.

„Да се управува моторно возило под дејство на алкохол е незаконска и крајно неодговорна работа, спротивна на сите општествени вредности, спротивно на хуманите вредности кои секој човек треба да ги почитува и негува, бидејки така се загрозува животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот. Со помош на таканаречени „Пијани наочари” , кои симулираат перцепција на лице под дејство на алкохол, се обидуваме да им укажеме на возачите за тоа какви се нивните физички способности кога консумираат алкохол и колку е опасно да се учествува во сообраќај под дејство на алкохол!” истакна Гордана Кожуваровска,претседател на РСБСП.

И репресивните мерки на МВР се насочени најмногу токму кон возачите кои возат брзо и/или  под дејство на алкохол.

„Вчера на територијата на СВР Куманово санкционирани се 26 возачи под дејство на алкохол и 69 возачи кои ги прекршувале правилата за ограничување на брзината. На цела територија на државата санкционирани се 170 возачи кои возеле под дејство на алкохол и 556 возачи кои возеле пребрзо. Повторно апелираме до сите учесници во сообраќајот,  да демонстрираат повисоко ниво на лична одговорност и да дадат свој личен придонес за побезбеден сообраќај и за помалку настрадани лица на улиците и патиштата во Република Северна Македонија ” рече  портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

фото: РСБСП, МВР

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1