ММС

Објавено на: 07/24/21 12:30 PM

Затворен Искрин мост поради проблем со носечки столб

Мостот на реката Пчиња на регионалниот пат Куманово – Свети Николе од вчера е затворен без никакво образложение, само со известување дека таквата состојба ќе остане во следните 100 дена.

Но, она што денеска го соопшти пратеникот во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на локалниот огранок на партијата, Бране Петрушевски, е дека е изместен носечки столб на мостот и му прети опасност од уривање.

– Она што како информација успеав да го дознам е дека поради непрофесионалното санирање и реконструкција на овој мост дошло до една посериозна хаварија, најверојатно предизвикана од претходните обилни дождови со што е изместен одреден носечки столб и прети опасност на сериозно рушење или уништување на конструкцијата на овој мост, рече Петрушевски кој директно преку социјалната мрежа Фејсбук се вклучи од локацијата.

Градоначалникот Максим Димитриевски, во телефонска изјава за Кумановски Муабети, потврди дека мостот е затворен поради безбедносни причини, но дека општината ниту била консултирана, ниту била известена.

– Јас прочитав од порталите, немав информација. Денеска побарав објаснување од директорот на Јавното претпријатие за државни патишта и ми беше кажано дека некој од носечките столбови по проценка на градежни инжинери, а по претходна добиена согласно од Министерството за транспорт и врски и Министерството за внатрешни работи, треба да се затвори од безбедносни причини,  изјави Димитриевски.

Како што вели тој, утринава усмено дал задолжение да се формира Комисија при општината да се направи проценка и записник.

– Од директорот на ЈПДП побарав да обезбеди алтернативно решение, има времено решение и сега одам натаму за да го посетам. Ваква одлука носи ЈПДП по претходна согласност од министерствата за транспорт и внатрешни работи, рече кумановскиот градоначалник.

Портпаролот на Министерството за транспорт и врски во телефонска изјава не даде премногу детали и се држеше до информациите кои ги даде и вчера Автомото сојузот на Македонија.

– Официјален став на министерството е дека по барање на изведувачот и надзорот Министерството за транспорт и врски и МВР издадоа решение за затворање на мостот заради целосна реконструкција. Во следните стотина дена ќе следи целосна реконструкција на мостот по барање на овие изведувачи, ќе се најдат алтернативни правци за сообраќај, рече портпаролот.

Мостот од вчера е затворен, на двете страни има песок кој попречува движење на возилата по него, но од официјалните институции не беше наведена причината зошто сообраќајот е во прекин.

Тоа создаде нервоза и паника кај жителите кои гравитираат на тој потег секојдневно. По мостот се наоѓаат многу кумановски села, меѓу кои Градиште, Орашац, Скачковце, Кучкарево, Пезово, К’шање… Луѓе кои без овој мост не можат да стигнат до работните места, ниту пак до лекарска помош.

Пратеникот Петрушевски вели дека санацијата била направена обратно и непрофесионално.

– Потрошени се милионски суми, сериозни пари, а сепак истото изгледа е непрофесионално. Она што успеав е да се констултирам со градежни инжинери, луѓе искусни во оваа област е дека целата процедура на санација на мостот била направена обратно и непрофесионално требало најпрвин да се санираат носечките столбови во долниот дел за да можат да го издржат теретот кога ќе се врши санацијата на коловозот и на горниот дел, најверојатно е обратно направено. Ова се информации кои ги имам и не се официјални, не се од институциите, тие молчат и најверојатно поради обилните дождови еден од носечките столбови е изместен и претстои сериозна можност за сериозна хаварија и затоа одеднаш мостот е затворен, рече тој.

Алтернативен пат постои во близина на мостот, но станува збор за селски пат, кој е тешко прооден.

Кумановски Муабети по електронска пошта став побара и од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, но до овој момент не добивме одговор.

Извор и фото: Кумановскимуабети


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1