ММС

Објавено на: 07/24/21 11:59 AM

Земјоделци ја блокираа изградбата на експресниот пат Штип-Кочани

Земјоделци од селата Спанчево, Соколарци и Бања во општина Чешиново-Облешево, денеска излегоа на двочасовен предупредувачки протест, при што со земјоделска механизација го блокираа сообраќајот и изградбата на експресниот пат Штип – Кочани.

На тој начин искажаа незадоволство зашто и покрај нивните реагирања и упатени писмени барања до надлежните државни институции, не добиле, како што рекоа, одговор како ќе им се реши пристапот до нивите кои остануваат отсечени со комплетирањето на новата сообраќајна врска.

-Се работи за над две илјади хектари оризови површини до кои ние воопшто не можеме да дојдеме ни пеш, а уште помалку со земјоделската механизација. За два месеца ќе почне жетвата на оризот, ама не знаеме ниту од каде ќе влезат комбајните, ниту од каде ќе го изнесеме ожнеаното од нивите. Со изведбата на експресниот пат не е обезбедено никакво поврзување со постојните полски патишта што земјоделците ги користат со децении, истакна Јоце Митров, земјоделец од Спанчево.

Земјоделците од трите села реагирале уште минатата година и оствариле средба со претставници на изведувачот и на надзорот на градежните работи, но не се постигнало заедничко решение.

-Во март годинава поднесовме и писмено барање до Јавното претпријатие за државни патишта и до Општина Чешиново-Облешево, но од никаде не добивме никаков одговор. Експресниот пат наскоро ќе биде готов, а решение за пристапот до нивите немаме. Тоа значи дека ќе бидеме принудени да ја сечеме заштитната ограда и да го исполниме со земја одводниот канал околу патот, за да можеме да преминуваме преку него. Околу 700 семејства во трите села својата егзистенција ја обезбедуваат од оризот и земјоделското произвдство, а без пристап до нивите сме осудени на пропаст, истакна Јорданчо Лефков, земјдоелец од Спанчево.

Градоначалникот на Чешиново-Облешево, Горанчо Крстов им даде поддршка на барањата на своите сожители, при што истакна дека може да се најде решение на проблемот.

-Општината ненам никаква надлежност околу експреснит пат затоа што не учествува во инвестицијата, иако земјодолците реагираа и кај нас. Тие се во право дека немаат никаков пристап до површините, а ние исто така барањата ги препративме до јавнотот претпријатие за државни патишта. Најдоброто решение е да се изгради земјен земјоделски пат, паралелен со експресниот, со што ќе се обезбеди поврзување со старите полски патишта, истакна Крстов.

Земјоделците од трите села нагласија дека нема да се откажат од своите барања и дека ќе продолжат со блокирање на градежните работи, сѐ додека не добијат одговор од надлежните како и кога ќе им се обезбеди соодветен пристап до нивите.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1