ММС

Објавено на: 07/22/21 5:20 PM

Ќе ми се оствари сонот, ќе бидам првата спортистка која го веела македонското знаме на Олимпијада – Џудистката Арбреша Реџепи и нејзиниот тренер излегоа од карантинот во Токио

„Во последен момент, по интервенција на Канцеларијата на МОК, сепак Арбреша Реџепи ќе може да присуствува на вечерашното отварање на ОИ и ќе го носи македонското знаме на церемонијата на отварање игрите. Арбреша Реџепи, со одлука на ИОК/Организациониот комитет ТОКИО 2020, не еповеќе под надзор заради близок контакт со заразен од КОВИД-19 и таа ќе ја има честа да биде прва спортистка, Олимпијка која ќе го носи македонското знаме на отварањето на летните Олимписки игри!“, објави Македонскиот олимписки комитет на два часа пред свечената церемонија на отворање на Олимписките игри во Токио.

Вчера за ММС, македонската џудистка Арбреша Реџепи откри дека таа и  нејзиниот тренер се во карантин во олимпиското село во Токио затоа што во авионот со кој допатувале во Јапонија близу до нив седело лице позитивно на Ковид-19.

„Не можам да замислам да не го носам знамето на отворањето на Олимписките игри и да не се борам“, изјави Арбреша за ММС.

Поради строгите протоколи кои ги наметна организаторот на Игрите во Токио поради пандемијата со коронавирусот, Арбреша и нејзиниот тренер Горан Мицковски беа во изолација и чекаа да бидат тестирани на Ковид, на 24 часа пред официјалното отворање на Летните олимписки игри кои поради здравствени причини првично и беа одложени за една година.

„Убаво е многу и организирано во Токио. Но, разочарана сум многу. Јас и тренерот сме во карантин затоа што во авионот некое лице кое било позитивно, седело до нас. Чекаме да направиме тестови и затоа сме под посебни протоколи, дури и на тренинг не носат со посебни мерки. Зависи од тестот дали ќе учествуваме на свеченото отворање утревечер и дали ќе можам да се борам. Се молам на господ да излезам негативна за сето ова да го направам според планираното“, истакна вчера 20-годишната Арбреша.

Арбреша со тренерот Горан под македонското знаме во Токио

Џудистката цел живот го сонува олимпискиот сон и сега кога е на прагот да го оствари, можеше да се урне ако тестовите беа позитивни. Сепак, иако и влијаешепсихолошки целата ситуација во исчекување, Арбреша се надеваше дека ќе излезе позитивна и дека достоинствено ќе ја претстави Македонија.

„Оваа ситуација ми влијаеше многу психолошки. Сакам мојата земја да ја претставам достоинствено и да го носам знамето на отворањето. Мечот ми е закажан за 25 јули во недела и едвај чекам да се борам. Не сакам ниту да помислам како би било да не се борам и да го носам знамето на отворањето. Поздрав до сите навивачи во Македонија и благодарност за поддршката на сите олимпијци“, додаде Арбреша во разговорот до ММС.

Арбреша треба ја претставува Македонија на Летните олимписки игри во дисциплината до 52 килограми откако доби специјална покана на 20-годишна возраст за првпат да учествува на најголемиот спортски собир на планетата.

Арбреша се занимава со џудо 11 години и за тоа време ниже успеси во сите категории, односно станала државен првак во сите возрасни групи. На балкнаските натпреварувања има три бронзени медали, една бронза освои на Европскиот куп.

Неодамна, за ММС таа ги откри емоциите кога дознала дека ќе оди во Токио и дека ќе си го оствари сонот.

„Ми се случи нешто најубаво на светот, посакувам секој спортист да го доживее. Сите спортисти сонуваме еден ден да учествуваме на Олимписките игри и да ја претставиме својата земја пред светот“, рече Арбреша Реџепи додека се подготвуваше во салата на џудо клубот Ипон.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1