ММС

Објавено на: 07/22/21 1:28 PM

Доброволците пожарникари од цела Македонија се здружуваат во една мрежа

Младите се’ помалку покажуваат интерес за хумани и доброволни активности. Причината за ваквиот однос најчесто се лоцира во недоволната поддршка од државата, во самото воспитување на децата во рамките на семејството, но и во образовните институции. Ова преку својата секојдневна работа го воочиле доброволните противпожарни друштва, од каде што велат дека се’ помалку млади се интересираат да се приклучат кон доброволните пожарникари или кон некоја друга хумана дејност и организација од типот на Црвен крст. Показател е и тоа што доброволните друштва кубурат со млади членови.

– Порано почесто се посетуваа оние институции каде што можеш да ја пронајдеш својата хуманост, да ја покажеш својата добрина, да придонесеш нешто за општеството, а да не биде се во еднонасочна енергија, и на принципот „дај” како на поклон, туку и ти нешто да сработиш и да придонесуваш. Како доброволци пожарникари, на пример, ние свесно работиме со огромна доза на ризик, неосигурани, се судруваме и со животозагрозувачки ситуации – вели Кире Михајлов од Доброволното противпожарно друштво (ДПД) на Свети Николе.

Токму решавањето на проблемите со кои се соочуваат во текот на нивното функционирање, подигнување на нивото на вреднување на нивниот ангажман од страна на другите институции, како и подобрување на нивната ефикасност, е една од основните причини за пожарникарите доброволци од земјава да се ангажираат за вмрежување на доброволните пожарникарни друштва во една организација.

Сите пожарникарски здруженија кои во моментот се активни, а функционираат на доброволна база неодамна потпишаа меморандум за соработка на доброволните друштва со цел формирање на една мрежа.

– Проектот го отпочна ДПД Свети Николе, а финансиски поддржан од програмата Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка, во чии рамки е направено истражување за доброволните пртивпожарни друштва. Целта е да се види моменталната состојба во која се наоѓаат друштвата – членство, возила, опрема, обуки колку имаат, што им недостасува, каква им е соработката со државните институции, со општините итн – вели Михајлов, кој воедно е и координаторот на проектот.

Од направената анализа произлегло дека од вкупно регистрирани 91 ДПД, 34 се водат како активни според податоците на Централен регистер, а реално на терен активни се само 15, од кои две се новоформирани од пред еден месец.

Заклучокот од анализата е дека недостасуваат доброволни противпожарни друштва и членови во истите за да го надополнат и онака малиот број на професионални пожарникари, а интересот е да се охрабрат и оние кои не се активни друштва, како и да се прошири бројот со нови членови, објаснува Михајлов.

– Доброволните ПД и тоа како имаат значење, бидејќи само дел од секојдневните обврски на ДПД Свети Николе, на пример, се учество во интервенции на шумски пожари, урбани пожари на куќи, на магацини, фабрики и слично. Во ковид кризата вршевме дезинфекција, стававме рампи за дезинфекција, интервенираме на поплави, помагаме на сите општински и државни институции на нивен повик – вели координаторот на проектот.

Поради тоа, потписниците на меморандумот за вмрежување велат ќе бараат законски измени, со цел да ги остварат сите законски права кои им следуваат според Законот за пожарникарство, а еден дел од нив ќе биде да се постигне директно добивање на финансиската поддршка која им следи од Дирекција за заштита и спасување, наместо преку ланец од посреднички органи кои и воопшто не се активни и само го забавуваат функционирањето на друштвата.

 

Роза Шулева


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1