ММС

Објавено на: 07/22/21 10:42 AM

По две дози Синовак, претседателот на Доминиканската Република се вакцинираше и со Фајзер

Претседателот на Доминиканската Република, Луис Абинадер прими трета доза антиковид вакцина, па го повика населението да го следи неговиот пример. Абинадер кој претходно доби две дози од кинеската вакцина Синовак, вчера се вакцинираше со уште една доза од вакцината Фајзер во спортската сала претворена во центар за вакцинација близу националната палата во Санто Доминго.

-Го повикав целото население да продолжи да се вакцинира и по првата и втората доза, да „зајакне“ со трета доза. Тоа ќе ни овозможи да достигнеме нормализација – изјави педесет и четиригодишниот претседател пред новинарите кои присуствуваа на неговото вакцинирање.

Доминиканската Република има 10,5 милиони жители и според официјалните податоци таму се регистрирани речиси 340 илјади случаи на зараза и скоро 4 илјади починати од вирусот од почетокот на пандемијата. На почетокот на јули земјата почна и кампања за трета доза вакцина. Властите ја аргументираа потребата за трета доза со појавата на новите соеви на вирусот.

Доминиканската Република досега нарача околу 34 милиони дози вакцини – 14 милиони Синовак, 10 милиони АстраЗенека и 10 милиони Фајзер.

Фото: world-today-news.com

Извор:  rtcg.me


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1