ММС

Објавено на: 07/21/21 11:53 AM

Бирократски препреки во работата на новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација: Членовите очекуваат нов кадар и пари за опрема

Добија нови простории, но од нив треба да се борат против дискриминацијата без технички капацитети. Членовите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се сместија во простории во центарот на Скопје на ул. „Даме Груев“ број 1.  Тврдат дека таму недостасува не само техничка и канцелариска опрема, туку и мебел па има недостиг на работни маси, столови и плакари за складирање на документацијата. Новата Комисија постапува по 90 претставки, од кои 78 се „наследени“ односно преземени од претходно.

Презентирајќи го кварталниот извештај, новиот состав на Комисијата денеска информираше дека речиси половина од подносителите на претставките се од Скопје.

Од вкупниот број на разгледувани предмети, 25,5 отсто се поднесени од жени, 35,5 отсто од мажи, 32,2 отсто се поднесени од правни лица, додека 6,8 отсто се поднесени од група граѓани.

Комисионерите посочија дека не можат да направат анализа во однос на основата на случаите на дискриминација, бидејќи самите поднесувачи не ја пријавуваат.  Од телото планираат ваквиот предизвик да го надминат на тој начин што ќе креираат образец кој потоа ќе се внесува во базата на податоци обработувајќи ги сите релевантни параметри за анализа на состојбата со дискриминацијата во земјата. Актуелната претседателка на Комисијата, Весна Бендевска вели дека до крајот на годината планираат и зголемување на кадарот.

„Не успеваме да обезбедиме генерален секретар, а планираме до крајот на годината да вработиме од 6 до 8 лица. Навистина ни треба лице кое ќе ја извршува оваа позиција. Инаку, добивме и поддршка од сите пратенички групи, таму во тек е ребалансот на буџетот и добивме над 30 илјади евра кои ќе ги искористиме за да ги опремиме просториите и со мебел и со компјутерска опрема“, додаде Бендевска.

Проширувањето на кадарот ќе значи зголемување на оперативноста на самата Комисија – оценува комисионерот, Линко Бејзаровски.

„Во моментов имаме двајца вработени административни службеници, тие се преземени од МТСП и досега дадоа огромен придонес во успешноста на нашата Комисија. Вложија огромен труд, тие двајца носеа товар како да работат за 6 или повеќе луѓе. Има недостаток во тој дел па презедовме сериозни чекори за подготовка на Акт за систематизација за преземање одредени службеници од министерствата“, истакна Бејзаровски додавајќи дека веќе од понеделник на располагање ќе бидат четворица нови административни службеници.

Паралелно, комисионерите работат на тоа да биде донесен нов Деловник за работа,  Правилник, како и функционална анализа. Тие најавија дека ќе изготват и комуникациска стратегија преку која кај самите граѓани ќе ја зголемуваат свеста за заштита од дискриминација.  Мислењата и одлуките на Комисијата се уште не се достапни на интернет, но оттаму најавија дека ќе ги прикачат на новата веб страница која е во фаза на изработка.

Првите месеци од работата на новиот состав на Комисијата кој беше избран во јануари годинава, беа одбележани со бирократски препреки, но со добивањето постојани канцеларии и комплетирањето на стручната служба, комисионерите очекуваат зголемување на индикаторите во вториот квартален извештај.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1