ММС

Објавено на: 07/21/21 11:53 AM

Од септември повисоки стипендии за учениците

Ученичките стипендии се зголемуваат за 11 %, односно наместо досегашните 2.200 до 2.970 денари на месечно ниво, учениците ќе добиваат повисоки стипендии во износ од 3.500 денари од почетокот на новата учебна година. Владината одлука е донесена во понеделникот, а со неа ќе бидат опфатени 3.100 ученици.

„Заедно со претставниците на средношколците и со работната група МЛАДИ-МОН изминатите десет месеци работевме на анализи и план за зголемување на ученичките стипендии со цел да го стимулираме нивниот труд, знаења и успеси, но и да ги поттикнеме да се запишуваат во дуалните паралелки кои заедно со стопанските комори, компаниите и локалните самоуправи ги воспоставивме во средните стручни училишта. Политиката на стипендирање е проширена, како од аспект на видовите на стипендии, имаме повеќе нови категории за да се опфатат што повеќе млади, но и значително зголемени износи за голем дел од постојните, за да навистина ја почувствуваат материјалната поддршка од државата“, рече Царовска.

Министерката истакна дека фокусот на уписните политики е средното стручно образование кое се покажува како дефицитарно и нуди просперитет за младите, затоа најбројна категорија се стипендиите за ученици што ќе се запишат во дуални паралелки во четиригодишно стручно образование, но и ученици што ќе се запишат во тригодишно средно стручно образование.

„Поголема категорија се и стипендиите за социјална поддршка, за да излеземе во пресрет на учениците чии семејства имаат месечни приходи под она што значи оптимум за нормално живеење и функционирање“, рече Царовска.

За сите видови стипендии ќе се објавуваат конкурси и заинтересираните навремено ќе бидат информирани за сите услови, критериуми и рокови за остварување на ова право.

Министерството за образование и наука преку работната група МЛАДИ-МОН ќе продолжи да креира политики со кои се подобрува стандардот и условите за учење за младите.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1