ММС

Објавено на: 07/23/21 7:00 PM

Би сакала да ја претставувам Македонија на Евросонг – Светскиот стил на Лара Иванова е освежување на македонската музичка сцена

Во време кога на македонската музичка сцена владееше потполна тишина поради пандемијата, се појави 17-годишната Лара Иванова која направи бум со песната „Некогаш ќе помине“. Лара е талентирана пејачка која внесе нешто ново, свежо и поразлично на македонската естрада. Уште од петгодишна возраст почнала да се занимавам со музика, a три пати настапила на детскиот фестивал „Супер ѕвезда“. Бидејќи паралелно посетувала нижо музичко и нижо балетско училиште, се одлучила да продолжи со балетот, бидејќи мислела дека со музиката нема да има таква шанса, каква што има со балетот.

-Во 2019 година настапив на „Макфест“, со мојот продуцент Иле Спасев ја направивме песната „Кој те учи така“ и освоивме награда за најдобар аранжман. За мене тоа беше одличен почеток на мојата кариера. После тоа решивме да продолжиме, бидејќи еднаш кога ќе ми се пружи шанса, да не биде тука крајот, сакав да продолжам понатаму, да се занимавам со музика и отидовме лани повторно на „Макфест“. Повторно освоивме награда за најдобар аранжман и потоа решивме дека навистина треба да ја продолжам мојата кариера и што повеќе песни да направиме, бидејќи публиката дава одличен фитбек, имаше многу позитивни коментари. Потоа ги направивме „Полудена по тебе“, „Некогаш ќе помине“, „Кој е сега крив“ и мојата последна песна „Осамена“.

Твојот стил на музичката сцена наиде на многу позитивни коментари, како се одлучи за ваков стил на музика и пеење?

-Кога работевме на демо песна, размислувавме што да правиме и така се решивме, зошто да не пробаме песна во „deep house“ стил, кој што тука во Македонија сеуште не е толку развиен и така ја направивме „Некогаш ќе помине“. Таа е првата песна во тој стил и кога ја пуштивме песната буквално избувна, реакциите од публиката беа феноменални и тоа всушност ни даде мотивација и понатаму да продолжиме во тој стил, да извадиме уште две песни. Сега работам на нови песни, па ќе размислам дали повторно би биле во „deep house“ стил или да сменам нешто.

Со кој соработуваше на овие песни, музика, текст, аранжман, кој ги правеше твоите спотови?

-За музиката и аранжманот е задолжен Иле Спасев, додека за текстот, Робин Зимбаков. Спотовите ги снимав со повеќе режисери, со Горан Симјановски три спотови, со Владимир Митевски-Ѓуле последниот спот, и со Мелем продукција и Огнен Шапковски со нив го снимав спотот за „Макфест“.

Кој ти е идол и по чии стапки одиш?

-Јас уште од мала никогаш не сум имала идол, но земам пример од многу артисти, посебно од странство, зошто сме израснати со странска музика и тој звук што го носам на македонската сцена е малку поразличен. Земам пример од Ријана, Аријана Гранде, Били Ајлис, Џастин Бибер, The Weekend, познати имиња на странската сцена, но никој од нив не ми е идол, пробувам да бидам самата идол кој ќе го сакам.

Што мислиш за Евровизија и дали некогаш би сакала да ја преставуваш Македонија?

-Би ми било чест, иако сум мала. За неколку години би размислувала да се појавам на Евровизија, а има прилично коментари од публиката што сакаат да ме видат на Евровизија. Да, дефинитивно би сакала да се појавам на Евровизија како претставничка на Македонија.

Колку е тешко или лесно за една млада девојка да се пробие на македонската естрада?

-Не е толку лесно. На почетокот не бев многу позната, не ме знаеја луѓето, меѓутоа доколку напорно работиш и сакаш да се пробиеш да те дознаат, да постигнеш некаков резултат, има доста работа. Ќе направиш неколку песни и тогаш публиката ќе сфати дека сериозно работиш на тоа и ќе има придобивка од сето тоа. Секако и медиумите се важни, на почетокот не ја имав целосно поддршката од медиумите, но со тек на време те запознаваат и ти помагаат. Сега ја имам целосно поддршката од медиумите, радијата, од сите.

Колку поддршка имаш од семејството и колку спонзорите се подготвени за финансирање на една музичка ѕвезда и дали сметаш дека разголувањето на сцена придонесува за поголема популарност?

-Јас имам многу позитивно искуство со моите спонзори, секогаш биле тука да покријат било каков трошок. Целиот мој тим е секогаш тука со мене. Македонија е мала држава, а многу бара и потребни се многу финансии за да може да се постигне, но со собирање на повеќе спонзори, секој би можел да го постигне тоа. Но, тоа бара и доста работа. Ништо не се случува преку ноќ. Моментално работам на неколку проекти, имам многу планови. Публиката може да очекува многу музика од мене, за брзо време ќе има нешто ново. Ќе оставам публиката да почека и да види. За разголувањето на сцената сметам дека се што се однесува на музиката треба да биде професионално и пристојно, да може секој да го гледа, тоа предизвикува и најмногу коментари.

Моника П.Насковска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1