ММС

Објавено на: 07/20/21 2:04 PM

Како ќе се оди за Радовиш и Стумица преку Штип? Од утре затворен сообраќајот на делницата меѓу клучките Штип – Запад и Штип – Југ

Делницата на патниот правец од клучката Штип – Запад до клучка Штип – Југ од утре ќе биде целосно затворена за сообраќај, кој ќе биде пренасочен на веќе постоечкиот регионален пат кој минува низ Штип преку Ново Село до клучката Штип – Југ.

СВР Штип ја информира јавноста дека од утре,  21.07.2021 од 09.00 часот, поради реконструкција на магистралниот пат А-4, делница Штип – Радовиш, од клучка Три Чешми до клучка Југ ( „Четврти километар“) ќе има изменет режим на сообраќај.

-Ќе биде затворен за сообраќај, ќе биде поставена соодветна сообраќајна сигнализација и сообраќајот ќе се одвива преку град Штип, по улиците „Железничка“, „Гоце Делчев“, Димитар Влахов“, „Рибник“ до Четврти километар и обратно. Апелираме до сите учесници во сообраќојот да ја почитуваат поставената соодветна сообраќајна сигнализација, особено брзината на движење да ја приспособат кон условите и состојбата на патот, која ќе биде ограничена до 40 км на час, информираат од СВР Штип.

Како што информираат од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ), интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

На граничните премини Табановце и Богородица има зголемена фреквенција на возила, а времето на чекање за влез и излез од државата е од 45 минути до 1 час. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Регионалниот пат Ресен – Охрид, преку Галичица, е отворен за сообраќај. Препорака до возачите е да пристапуваат внимателно на овој патен правец поради можната појава на помали одрони.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1