ММС

Објавено на: 07/20/21 1:57 PM

Учениците ќе се описменуваат уште во прво одделение, вели авторката на учебникот по македонски јазик Делчева-Диздаревиќ

Се пријавив на конкурсот за изработка на материјали за учење затоа што мојата потесна специјалност како универзитетски професор на Институтот за педагогија, на Филозофскиот факултет, е јазичната писменост. Имам професионален стаж од 30 години и за мене беше голем предизвик да работам на новиот учебник зашто новата Концепција за основно образование бара друг, поразличен пристап кон учењето, вели професорката Јасмина Делчева-Диздаревиќ авторка на учебникот по македонски јазик за прво одделение.

„Новина е што првачињата,  согласно новата наставна програма по македонски јазик во второто полугодие ќе почнат да се описменуваат. Нашиот, фонетски правопис бара ученикот да чита онака како што зборува. Слоговното читање или читањето буква по буква не се во функција на правилното читање. Ова е многу значајно да се напомене, бидејќи погрешно описменети ученици имаат потешкотии понатаму при читањето, кај нив изостанува логичкото читање, односно читањето со разбирање. Затоа многу треба да се внимава: македонскиот јазик не само што е наставен предмет, туку е и наставен јазик, јазик со кој ги изучуваат и совладуваат содржините од другите наставни предмети“, објаснува Делчева-Диздаревиќ.

При подготовката на материјалите за учење се раководела од потребите на денешните деца, да се задоволи нивната љубопитност, којашто на таа возраст е потребно да се стимулира а резултатите од учењето да се совладуваат низ игра.

„Значајно е исто така дека во новата наставна програма, за прв пат, покрај медиумската култура, се воведува и медиумската писменост, а тоа значи дека учениците уште од најрана возраст ќе можат да ги препознаваат информациите што ги добиваат од медиумите и понатаму да знаат да ги препознаваат по важност, да ги разбираат и да имаат критички став кон нив, додава авторката на учебникот по македонски јазик за прво одделение.

Делчева-Диздаревиќ вели дека не било тешко да се подготват материјалите за учење, бидејќи уште на почетокот знаела што треба да прави.

„Долгогодишното искуство ме подготви за оваа работа. Постојано бев во контакт со илустраторот и со графичките дизајнери и со задоволство ќе кажам дека материјалите се многу убаво и богато илустрирани, како што налага и возраста на првачињата. Во тесна соработка со илустраторите бргу најдовме заеднички јазик и страниците  се полнеа, посочува Делчева Диздаревиќ, напоменувајќи дека таа и претходно пишувала материјали за учење по македонски јазик, заедно со нејзиниот татко Ѓорѓи Делчев, чиј буквар описменил 36 генерации, македонски ученици.

„На крајот сакам само да им  посакам на првачињата многу успех, насмевки, и лесно учење, да дознаат и да разберат дека учењето може да биде игра, дека може да биде интересно и забавно, вели Јасмина Делчева-Диздаревиќ авторка на учебникот по македонски јазик за прво одделение.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1