ММС

Објавено на: 07/20/21 12:19 PM

Шпаркасе банка Македонија и Охридска банка споени во една банка: Интеграцијата ќе донесе низа придобивки за клиентите

Со упис на статусната промена – присоединување, и официјално заврши процесот на присоединување на Охридска банка АД Скопје кон Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје. Со ова, интегрираната Шпаркасе Банка Македонија АД – Скопје, станува дел од групата големи банки заземајќи ја 4-та позиција на банкарскиот пазар.

Со успешната завршница на процесот на присоединување, Шпаркасе Банка Македонија ја прошири својата клиентска база и го зголеми пазарниот удел на 13,4% во сегментот население и 15,1% во сегментот корпоративни клиенти. Уделот на банката на девизниот пазар ќе изнесува 25% – соопштија од банката.

Шпаркасе е депозитарна банка на околу 50% од вкупните средства и извршува 40% од тргувањето со хартии од вредност на меѓународни пазари. Интегрираната Шпаркасе Банка Македонија, сега веќе опслужува повеќе од 140.000 клиенти во земјата, преку 35 експозитури и широка мрежа на банкомати на приближно 100 локации ширум државата.

„Денес со задоволство можам да констатирам дека Охридска и Шпаркaсе банка се една банка: Шпаркасе банка Македонија. Тоа е банка во која секое трето семејство во Македонија има сметка, во која повеќе од 2/3 од присутните мултинационални компании ги вршат своите трансакции и сме водечки во проектното финансирање и во поддршката на растот и развојот на македонската економија. Ќе делуваме како финансиски супермаркет, каде што секој ќе може да ги задоволи своите потреби и да го избере она што му е најпотребно и му носи додадена вредност“, изјави Глигор Бишев, главен извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.

Следејќи ги современите трендови на банкарскиот модел на работење во Ерсте Групацијата и Шпаркасе, Шпаркасе Банка Македонија веќе од почетокот на годината го воведе новиот модел на експозитура, кој како што велат оттаму, е направен според највисоките стандарди за безбедност и заштита при работа, со висококвалитетни материјали, кои освен со својот модерен дизајн, овозможуваат и заштеда на топлинска и на електрична енергија.

Од минатата недела започна со работа експозитурата Центар во Скопје, како прва прототип експозитура со 24/7 зона во која клиентите ќе можат да ги извршат потребните банкарски услуги (плаќање редовни обврски кон Банката, плаќање режиски трошоци, вршење уплата на готовина и менувачница на странски валути). Локациите на експозитурите се распоредени во сите поголеми градови низ државата и се достапни за клиентите секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот и во сабота на одредени локации. За полесно пронаоѓање на најблиската локација Банката овозможи уште една дополнителна функционалност „Локатор на експозитури и АТМ“ преку апликацијата „Sparky“ Viber Chatbot достапна на следниот линк.

Преку поврзаноста со другите банки-ќерки во Ерсте Групацијата и Шпаркасе, придобивките за корпоративните клиенти се видливи во повеќе аспекти, во делот на финансирање поголеми проекти од сопствени средства или од фондови за посебни програми за унапредување на конкурентноста на компаниите и нивниот развој за настап на европските пазари. Предностите што корпоративните клиенти ќе ги искусат, ќе бидат и во поглед на платниот промет во земјата и со странство преку кореспондентската банкарска мрежа на Ерсте Групацијата и Шпаркасе. Интегрираната Шпаркасе Банка Македонија ќе има значајно учество и видливост на пазарот и преку понудата на широк спектар инвестициски услуги за тргување со хартии од вредност, осигурителни, лизинг и готовински услуги.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1