ММС

Објавено на: 07/20/21 10:49 AM

Не можеме да страдаме поради невакцинираните и да живееме затворени, рече Филипче и најави можни ограничувања од есен

Треба да се вакцинираат двојно повеќе луѓе од оние што досега се вакцинирани, за да постигнеме колективен имунитет – оценува министерот за здравство, Венко Филипче. Тој денеска посочи дека досега се вакцинирани околу 450 000 граѓани, од кои 270 000 се и ревакцинирани.

„Најголем  опфат има во поголемите градови, околу 30 проценти во Скопје, 40 во Битола и Охрид, во Куманово помалку. Тоа е една табела што денеска ќе ја споделиме. Ние ќе продолжиме да го држиме системот со вакцинација активен како што е сега во смисла на тоа сите пунктови да се отворени, граѓаните  се пријавуваат без термин, вакцини има доволно. Теренската вакцинација ќе оди по систем на ротација. Отворени се вакциналните пунктови за деца. Околу 1800 деца се пријавени. Околу 500 се веќе вакцинирани, но сето тоа не е процент кој може да не‘ заштити од нов бран“, додаде Филипче.

Според него, доколку граѓаните не се вакцинираат има голема шанса да заболат од болест предизвикана од вирус кој многу веројатно ќе ги смести во болница. Министерот информира дека во последната недела во земјава се детектирани уште 5 случаи на индиската мутација на коронавирусот. Од нив, три се во Скопје, а по еден случај е регистриран во Куманово и во Тетово.

Филипче вели дека овој сој не е „ексклузивен“ и дека ги има и другите соеви, а како што истакна, за сите мутации вакцината е единствениот спас.

„Во овој момент правиме анализи колку  се вакцинирани секторите кои ни се најголем фокус. Кај здравствените работници има прилично висок процент, негде над 85 проценти, од вработените во градинките над 50 проценти и еднакво толку од вработените во училиштата.  Сега ќе почнеме со интензивна комуникација помеѓу овие Министерства за образование и за труд и социјална политика и директорите на институциите за да разговараат повторно со своите вработени и да ги упатат на вакцинација“, најави министерот.

Тој повтори дека вакцинацијата не е задолжителна, но здравствените власти размислуваат да воведат одредени ограничувања од септември или октомври.

„Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинирал. Не можеме да живееме затворени, затоа е и вакцината измислена“, потенцира Филипче.

Тој оценува дека индискиот сој е агресивен и прилично бргу се шири, а искуствата на некои земји покажале дека висок процент од заразените се невакцинирани. Тој додаде дека и вакцинираните може да се заразат, но прогнозите се дека ќе имаат полесна клиничка слика.

Затоа се нашите апели и кампањи со цел граѓаните да се вакцинираат.

„Вакцината е достапна во сите пунктови и никој од граѓаните нема да биде вратен“, изјави Филипче потсетувајќи на улогата на вакцините во сузбивањето на епидемијата со морбили.

-Ние бевме свесни дека во еден момент ќе се соочиме со антивакцинална кампања, исто како и пред 2 години кога беше актуелна епидемијата со морбилите. Но тогаш како инструмент на располагање веднаш ја имавме вакцинацијата и се сузби епидемијата за нецели 6 месеци. Тогаш воведовме и забрана за невакцинираните деца да не се примаат во градинките и училиштата.  Тоа треба да е еден показател какво моќно оружје е вакцината. Ги следиме трендовите во регионот и нема голема разлика со опфатот со вакцинација – оцени ресорниот министер.

Тој за ова информираше претпладнево одговарајќи на новинарски прашања откако Клиниката за ортопедија беше пуштено е во функција целосно опремено реновирано крило, со болнички капацитети, санитарни чворови, простории за болнички пациенти.  Тој најави реновирање на амбулантите, на уште една операциона сала, како и на другото крило при Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација и интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ).

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1