ММС

Објавено на: 07/20/21 8:43 AM

Заев: Курбан Бајрам нека биде исполнет со дух на трпение и дарежливост

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, по повод празникот Курбан Бајрам упати телеграма со честитки до поглаварот на Исламската верска заедница, Реисул Улема хаџи Шаќир ефенди Фетаи, до членовите на Ријасетот и до сите припадници на исламската вероисповед.

„Во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име, на Вам, на членовите на Ријасетот на Исламската верска заедница и на сите граѓани кои го чествуваат празникот, Ви го честитам големиот муслимански празник Курбан Бајрам. Овие свети денови нека Ви бидат исполнети со дух на трпение, дарежливост, и нека Ве води желбата за меѓусебна почит, разбирање и солидарност. На овој празник на надежта и вербата во добрината на луѓето, споделете ги даровите на празникот со вашите семејства, роднини, пријатели и соседи. Величественоста на празникот Курбан Бајрам нè потсетува на суштината на човечкото постоење, на најскапоценото нешто за сите нас, на грижата за здравјето и зачувувањето на животот и грижата за најблиските. Нека биде празникот и поттик, во периодот што следи масовно да се вакцинираме како најефикасно средство во борбата против пандемијата со КОВИД -19 и така заедно да успееме најбрзо и најбезболно да се заштитиме и да ги пребродиме нејзините последици.

Празникот на жртвувањето ни посочува вредности кои се универзални, ни испраќа благородни пораки што повикуваат на почитување и негување на нашето општество еднакво за сите, на општество во кое културните, етничките и верските различности се богатство и непроценлива уникатна вредност.

Во духот на вековната традиција на соживот и разбирање во нашата земја, дозволете да ви посакам празничните денови ги поминете во добро здравје и духовна сила!

Нека биде благословен и честит празникот Курбан Бајрам!”, се вели во честитката на премиерот Зоран Заев.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1