ММС

Објавено на: 07/20/21 8:46 AM

Српскиот народен театар од Нови Сад со претставата „Кој ја уби Џенис Џоплин” на „Охридско лето”

Драмската програма на Фестивалот „Охридско лето” продолжува со вечерашната театарска претстава „Која ја уби Џенис Џоплин” во изведба на актерската екипа на ССрпскиот народен театар од Нови Сад.

Режисерката на поставката на претставата, Сања Петровиќ, вели дека кога размислувала да направи претстава за пејачката која и’ била пример и инспирација во текот на тинејџерскиот период, секогаш ја доживувала како две личности.

-Несомнено нејзиното двојство е евидентно – нејзините два лика и нејзините две приказни. Едната е приказна за несигурна, нежна, неприфатена и незаштитена девојка, а другата е за храбра, агресивна основачка на нова листа на критериуми за жените. Едната поради која живеела, а другата поради која починала. Едната која одеше кон својот крај за другата да започне. Дури подоцна наидувам на податокот дека Џенис го добила името по богот Јанус. Се работи за римскиот Бог на крајот и почетокот. Обично е прикажан со две лица, едното гледа на почетокот, а другото на својот крај –  вели таа.

Сања Петровиќ е дипломец на Академијата за уметности во Нови Сад, насока мултимедијална режија, а мастер студиите ги завршила на Факултетот за драмски уметности во Белград. Режирала претстави за деца, млади и возрасни како во независниот сектор, така и во повеќе институции.

Улогите во претставата ги толкуваат Бојана Милановиќ, Соња Исаиловиќ, Стефан Вукиќ, Димитрије Аранџеловиќ, Вукашин Ранѓеловиќ, Петар Бањац, Филип Грубач и Игор Сакач.

Претставата не се препорачува за лица помлади од 16 години. „Кој ја уби Џенис Џоплин” ќе се игра на големата фестивалска сцена на „Долни Сарај”, со почеток од 21 часот.

 

Фото: В. Величковић


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1