ММС

Објавено на: 07/20/21 9:58 AM

Невреме секаде околу нас! Постои ли опасност да ни се повтори Стајковци? Ја научиле ли институциите лекцијата од 2016 година?

Додека Германија, Белгија и останатите западноевропски земји се соочуваат со последиците од поплавите и излевањето на браните кои ги предизвикаа силните дождови во последните неколку дена, а не е сјајно и на Балкан, во Македонија ситуацијата е мирна, но дали постои опасност да ни се повтори 2016 година и силното невреме во Стајковци.

Поради климатските промени во овој период од годината во Германија, Белгија и Австрија има силни врнежи кои го зголемија водостојот на реките и браните. Излевањето на водата и поплавите однесоа 170 жртви, а повеќе од 5.000 семејства ги напуштија домовите за да се заштитат од нова катастрофа.

Силното невреме не ја заобиколи ниту Македонија, но поради планинскиот масив на север од земјава, обилните врнежи не беа со силен интензитет на поголема површина како во Германија.

Хидрологот од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), Атанас Угриновски за ММС вели дека во моментов во Македонија не постои шанса да се случи поплава од такви размери како во Германија или да се повтори случајот Стајковци и околината од пред шест години кога поплавите одзедоа 23 животи, оштетија 5.000 домаќинства и околу 600 хектари земјоделско земјиште.

– Кај нас невремето доаѓаше во ублажена форма поради планинскиот масив кој го намалува интензитетот на врнежите. Имавме врнежи, но тие беа локални и немаше можност од излевање на поголемите речни корита. Можеби само некои локални излевања кои не предизвикале штета. Нема простор за паника и нема шанси во моментов да се случи невреме со таков интензитет, а прогнозите покажуваат дека од денес ќе има разведрување и стабилно време – истакна Угриновски.

Старите велат дека „кога ќе се изгорите на млеко, ќе дувате и на јогурт“ и затоа ММС разговараше со Центарот за управување на кризите дали институциите ја научиле лекцијата од 2016 година и дали се подготвени соодветно да реагираат ако, не дај Боже, ни се случи повторно катастрофа како во Стајковци и околните населени места.

ЦУК има координативна улога и задача да ги менаџира институциите при природни катастрофи.

 

– Најважни при овие елементарни непогоди се локалните самоуправи. Тие се први на терен, тие први треба да одговорат со помош. Но, ако се работи за поголема катастрофа можат да побараат помош од нас. Дирекцијата за заштита и спасување исто така има сериозна улога како член на главниот штаб и таа има законска можност да располага со материјални добра и има надлежност дури да склучува директни договори со фирми кои би изнајмиле механизација или што и да е потребно во тој момент – рече за ММС, Горан Стојановски, в.д. раководител на секторот за операции и координација во ЦУК.


Од ЦУК сметаат дека институциите ја научиле лекцијата од Стајковци, но не веруваат дека ќе се повтори таква катастрофа иако постои подготвеност да се одговори. Според нивните информации нема простор големи излевања на речните корита или на каналите затоа што во најголем дел биле исчистени и проточни.

– Во моментов се работи во Тетовско на чистење на дел од коритото. Во најголем дел коритата во Македонија се исчистени. Најголемата опасност при силни поројни дождови секогаш доаѓала од каналите кои се користат за наводнување на земјоделските површини. Но, информациите велат дека 90% од овие канали се исчистени и регулирани, па граѓаните можат да бидат спокојни – додаде Горан Стојановски од ЦУК.

 

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1