ММС

Објавено на: 07/19/21 7:00 PM

Во животот не сум направил крвна слика, не знам ни која крвна група сум: Валентин Ракип во битка за својот идентитет со институциите

Вози велосипед, ролерки, се дружи со извидници… бројни се активностите со кои е пополнето секојдневието на деветнаесетгодишниот, Валентин Ракип. Доаѓа од Шуто Оризари, место кое е претесно за неговиот ентузијазам. Момчето кое животот го принудило предвреме да порасне и созрее, и покрај се успева да ја задржи насмевката на лицето по која го препознаваат минувачите во центарот на Скопје. Токму ним им го нуди на продажба уличното списание Лице в лице, преку што  е вклучен во таканаречениот затворен пазар на труд за да може да заработи и за себе и за неговите браќа и помалата сестра. Валентин би можел да заработи многу повеќе ако се вработи и во ресторан, нешто на што досега се согласиле повеќе угостители. Сепак, немањето документи е пречка за ова да се оствари. Валентин е еден од стотиците фантоми-граѓани. Тој е непрепознаен од институциите во државата каде е роден и живее сиот свој живот.

Порано многу се нервирав поради мојот проблем. Кога и да седнев да одморам се прашував до кога ли ќе бидам без документи, тоа го носев како товар во себе – вели младиот Валентин. За Македонски медиа сервис тој ја раскажа својата нималку обична животна приказна, додека го очекува рочиштето во Граѓанскиот суд, по кое се надева, ќе биде препознаен и признаен од државниот систем.

Со Валентин се сретнавме во Градскиот парк, едно од местата каде што тој најчесто се движи. Таму го продава уличното списание Лице в лице, како дел од проектот за работна интеграција, во чии рамки на неговите вештини работи со својата социјална менторка, Магдалена Чадиноска Кузманоски.

Валентин има шест браќа и сестри, од кои две се омажени, па веќе се преселени кај новите семејства.  Сите освен нив двете, се без документи за идентификација. Семејството Ракип живее во куќа во Шуто Оризари. Браќата и сестрите си се најголема поддршка едни на други, откако уште кога биле деца нивната мајка заминала за Франција, а по неколку години татко им починал. Битката која Валентин ја води со институциите не е само за него, туку и за неговите најблиски, во спротивно вели тој, тоа не би било фер.

„Завршив само основно училиште, каде се запишав кога имав 12 години. Учев само неколку години бидејќи имаше опција за една година да земам две училишни години и да завршам побргу. Во средно не успеав да се запишам бидејќи тогаш веќе бев 17 години, а било дозволено да се запишеш максимум на 16“, ни раскажа Валентин. Како да чита и пишува, сепак научил благодарение на невладиниот сектор.

„Одев во Дневниот центар за деца на улица и таму се’ ме научија. Ми дадоа волја за живот, буквално култура ми дадоа“, додаде Валентин зборувајќи со љубов за луѓето кои му помогнале уште кога бил дете. Со браќата и сестрите морале да се снаоѓаат како знаат и умеат па лебот го печалеле со физичка работа каде и да ги викнеле. Во животот никогаш не побарале милостина, заработувајќи ја со пот скромната семејна трпеза.

-Сакав да учам во Средното угостителско училиште „Лазар Танев“. Сите кои ќе завршат деветолетка во Шутка се запишуваат во средното во блзиина, но ако сум само таму ќе ми биде досадно. Јас сакам да шетам низ градот, да се запознавам со луѓе, да имам комуникација – додава Валентин.

Во последните три години заработува преку продажбата на уличното списание Лице в лице, а на шега вели дека меѓу тимот кој неизмерно го почитува, е познат како „легенда“.

„Работам од понеделник до сабота, во недела одам да трчам, сакам да спортувам. Се шетам со другарите, возам ролерки на Кеј, велосипед возам. Со извидниците поради ковидот не се дружам, ризик ми е бидејќи јас немам здравствено осигурување. Не сум многу активен со нив но ќе продолжам по ковидот“, вели нашиот соговорник.

Неговиот карактер ја „натерал“ неговата менторка Магдалена да се заангажира дополнително и надвор од она што е опис на нејзината работа со цел да му помогне да добие матичен број.

„Тука јас ја презедов улогата и излегов надвор од описот на работа, но чувствував грижа на совест кога ќе седнев да јадам. Си мислев што тој јаде, кога знам дека колку и да сака да работи, не може“, истакна Магдалена за ММС.

Имено, таа исконтактирала со неколку ресторани, од кои едниот сакал да го вработи Валентин за плата од 40 илјади денари. Кога угостителите дознале дека тој нема матичен број ниту каков било документ се откажале од идејата, бидејќи таквото вработување би било незаконско.

„Луѓето треба да ја знаат разликата меѓу помош и поддршка. Пристапот кој ние го имаме со програмава социјален ментор на работна интеграција не е вертикален, не даваш од врвот кон дното. Тоа е помош и секогаш ќе останете на таа позиција. Но, нашиот пристап е многу хоризонтален и тргнуваме од исто место. Кога продава, он директно ги зема парите. Кога ќе го продаде списанието од 100 денари, кај него веднаш завршуваат 50 и тоа е правно односно законски регулирано“, ни долови Магдалена.

Токму од тие причини, Валентин е дел од затворениот пазар на труд.

„Ако влезе на отворен пазар, плаќањето тоа треба да биде илегално, а ние го учиме само на легални работи. Тој е комплетно работоспособен. Во затворен пазар на труд се држат сите оние кои не се спремни да излезат на отворен пазар на труд.  Јас имав две менторирани лица,  Валентин е едното од нив.  Ние имавме процес на поттикнување на одредени вештини, на препознавање на неговите квалитети, на она што тој навистина сака да го работи бидејќи ништо не наметнуваме, сакаме да го насочиме вистински и правилно. Тој изрази желба да биде готвач“, додаде менторката.

Угостителите со кои разговарала пријатно ја изненадиле.

„Сите беа заинтересирани да го примаат како мијач на садови или салатер, но да гледа како работат готвачите, да добие обука и сертификат,  но сето тоа ќе беше џабе бидејќи не можеше да влезе на отворениот пазар на труд. Како прво, немаше да може санитарна книшка да извади. Второто многу важно е што ние не ни сакаме да поттикнеме илегален начин на плаќање, а и рестораните не сакаат тоа да го поддржат. Разговорите беа многу фини и ефектни, но кога требаше да се реализира тоа, само поради тоа една пречка не можеше“, посочи Магдалена.

Вработувањето е само една од работите кои Валентин не може да ги реализира поради тоа што нема документи. Од истата причина пропуштил и патување во Словенија со извидниците, кои сакале да му ги покријат сите трошоци. Меѓутоа со нив повеќе пати ги истражувал природните убавини на својата татковина. Вели дека особено му се допаѓа Охрид и во секој момент повторно би заминал таму.

За среќа, никогаш немал некој посериозен здравствен проблем бидејќи без документација и здравствено осигурување нема да може да се лечи. Ни раскажа дека во последно време го болат забите и затоа пие апчиња, па посетата на стоматолог е всушност една од првите работи што планира да ги направи доколку добие документи.

„Досега не ми се случило да се разболам, дали ме чува Господ или имам јак имунитет не знам. Инаку, кога сум бил настинат има кај нас Амбуланта и не’ примаат бидејќи не знаат лекарите дека сме без документи. Инаку без документи има многу проблеми. На пример, сега мојата менторка Магде ми најде работа во ресторан, но треба да ме пријават и не може без документи. Тоа е само еден проблем, а недај  Боже да се случи друг проблем. Немам направено крвна слика превентивно барем, а ниту пак знам, која крвна група сум“, посочува Валентин.

Според неговата менторка, тој има високо ниво на самосвесност и како што вели, тоа е за поздрав:

„Тој е многу свесен, дури ни кафе не пие затоа што го смета за порок. Се плаши кафето да не му донесе и цигара. Ние сме разговарале на оваа тема и тој трга од позиција на страв за се’ што прави. Може да заврши во станица затоа што нема документи, ако полицаец го сопре на улица и се обиде да го идентификува. Институцијата која го идентификува на улица не му ги овозможила документите. Цело време се вртиме во круг на иронија“.

За да биде ситуацијата уште поиронична, Валентин кој мака мачи за да добие матичен број и документи за идентификација, лесно го нашле за да му пратат покана за разговор со извршители. Ова се случило кога починал неговиот татко, оставајќи зад себе долг за мобилен телефон.

„Татко ми умре и ми стигна покана да платам за неговиот телефон, тој имаше документи, имаше лична карта. Кога почина, ни дојдоа извршители. Тој долг не е се’ уште покриен. Ни стигна покана, да се јавам да разговарам со нив, но не се јавив бидејќи немам што да им дадам“, додава младиот скопјанец.

Во меѓувреме, здружението Млади правници го застапува Валентин пред Граѓанскиот суд каде есенва треба да се одржи рочиште за тој да добие граѓански статус.

„Валентин и браќата и сестрите се родени во домашни услови и не се навреме евидентирани во матича книга на родени. Тука почнува главниот проблем. Како растат и како гледаат дека без тоа не можат правата да си ги остварат, се гледа потребата од таа лична документација.  Мајката како српски државјанин тука нема државјанство, но си има матичен број од Србија. Во ситуацијата не им значи тоа ништо откако починал, таткото кој е македонски државјанин. Затоа се отворени две постапки – една во Граѓански суд во Скопје за добивање на граѓански статус, а другата во МВР за добивање право на привремен престој како странец. Сега има едно рочиште на 01.10. 2021 и тоа е поместувањето што се случува. Ќе чекаме да видиме што ќе биде исходот“, оптимистка е Магдалена.

Валентин пак, многу сака да шета и се надева дека доколку биде се’ во ред, ќе може да си извади пасош и да патува. Сонува да го владее добро англискиот јазик и да си ја подобри комуникацијата со луѓето кои не се од тука. Вели дека би сакал да полага за возачка дозвола, па ако не може да си дозволи автомобил, би можел да вози и мотор.

-Сакам државата да ме знае, сакам сите мои браќа и сестри да ги имаат правата кои се надевам дека во октомври ќе ги добијам – заклучува Валентин.

Тој и неговата менторка не’ испратија со оптимизам дека за три месеци конечно ќе го најдат излезот од како што велат, кругот на иронија. Веднаш потоа Валентин ќе почне нова битка – за браќата и помалата сестра без документација.

Семејството Ракип е дел од оние кои не се впишани во матичната книга на родени. Минатиот месец на оваа тема реагираше и Народниот правобранител, според чија евиденција, во државата има 659 граѓани невидливи за институциите.

 

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1