ММС

Објавено на: 07/18/21 6:23 PM

Англија се отвора, премиерот се затвора – Од утре нема антиковид мерки

Британскиот премиер Борис Џонсон оди во изолација поради контакт со министерот за здравство, кој е заразен со коронавирус. Од изолација, тој повикува на претпазливост, бидејќи од утре во Англија ќе бидат укинати антиковид мерките.

Освен Џонсон, поради контактот со министерот за здравство, Саџид Џавид, ќе мора да биде изолиран и министерот за финансии, Риши Сунак. Двајцата ќе извршуваат секојдневни активности од изолација, и ќе бидат тестирани за коронавирус на дневна основа.

“Тие нема да учествуваат во пилот програма што ќе им овозможи да продолжат да работат без ограничувања. Џонсон ќе продолжи да одржува состаноци со министри, но на далечина. Министерот за финансии Сунак исто така ќе биде изолиран и тие нема да бидат дел од пилот шемата тоа ќе им овозможи да продолжат да работат нормално “, велат од канцеларијата на Џонсон.

Обраќајќи им се на граѓаните од изолација, во пресрет на укинувањето на мерките во Англија, Џонсон ги повика Британците да бидат внимателни.

„Ве молам, ве молам, бидете внимателни“, рече  Џонсон на видеото објавено на Твитер.

Тој рече дека коронавирусот останува ризик иако се укинуваат мерките, како што е задолжително носење маски во затворено и јавен превоз.

Во последниве денови, бројот на новоинфицирани во Велика Британија надминува 50.000 на ден, најмногу од почетокот на јануари. Овие се главно инфекции со делта сојот.

Властите предупредуваат дека врвот на новиот бран ќе биде во средината на август, кога бројот на нови случаи на дневна основа може да достигне 100 000.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1