ММС

Објавено на: 07/18/21 11:29 AM

Доста е, во 21 век живееме како во Африка – Протест на жителите на Чифлик, кои со децении немаат вода за пиење

Не ни доаѓајте веќе со тоа „ќе напрвиме“! Направете па тогаш кажете, бидејќи ние на следните локални избори ќе искажеме граѓанска непослушност и нема да излеземе на гласање, децидни се жителите на селото Чифлик, кои како што рекоа на денешниот протест, кој се одржа на патот Штип-Кочани, во 21 век живеат како во Африка, ги немаат основните услови за живот- чиста вода за пиење.

Ова мака жителите на селото Чифлик, кое спаѓа во општина Чешиново-Облешево ја мачат со децении и, според нив, кој како градоначалник ќе дојде ништо не прави.

-Доста е веќе.  Сега кога нашата држава се стреми кон ЕУ, без решени прашања за водоводна и канализациска инфраструктура на селото ние сме лишени од достоинствен живот, со нарушено едно од основните човекови права- правата на здрава вода за пиење. Затоа сакаме веќе постоечката водоводна мрежа, која е поставена во 2002 година, а веќе 20 години не е во функција да се постави во функција или да се изгради нова. Канализациска мрежа која е поставена во 2016 година, а за која е потрошено 16 милиони денари, да се стави во функција, ако не да се направи нова. Да се направи пречистителна станица. И го повикуваме Јавното обвинителство да поведе постапка каде ни одат државните пари, кредитите позајмени од Светска банка и сите донации за изградба на водовод и канализациска мрежа во општината Чешиново- Облешево, се барањата на жителите, кои најавија и блокади на патот.

Жителите се разочарани што веќе 20 години градочалниците само се менуваат и селото, како што велат, го направиле „најбатал“ село.

-Никој од градоначалниците не се зафати со решавање на проблемите. Не излегуваме на избори веќе, независно дали се локални или парламентарни. До 2015 година кога беа поплавите нашето село беше поплавено. После тоа сите надземни води се измешаа со подземните, фекалните и од тогаш водата е загадена. Имаме пумпи но никој не смееме да пиеме бидејќи е загадена, вели Фиданчо Јанев, жител на селото Чифлик.

Водата не само што не е убава за пиење, туку е и лоша како техничка, за перење на белите алишта тие одат во други села, бидејќи од нивната вода им пожолтуваат. Во селото има и млади луѓе, кои доколку не е реши проблемот, принудени се да се иселат.

-Единствено на што обрнуваат внимание се партиските вработувања. Па парите што ќе се обезбедат за решавање на комуналните проблеми тие се злоупотребуваат. Срамно е да не се покрене постапка за одговорност 20 години. Пари се обезбедуваатг, но од инвеститорите обично доаѓа човек фирма, се гради спротивно на законот за градба. Не е изградена и прочистителна станица, цевките не се соодветни, вели Ване Николов,  жител на селото.

Најмногу аплауз од сите присутни доби пораката дека ова се однесува и на  ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, чии градоначалните ците олвие години само се менуваат без да направат нешто.

-Водата кили е бактериолошки или хемиски неиспитана, а децата во школо треба да ја пијат. Значи не е за користење. Замислете децата во оваа време да немаат вода за пиење. Децата покрај книгите во ренчињата носат и шишиња вода за пиење. Ова трае долго време и затоа ние сме сплотени. Ова не е политички протест пред избори, туку граѓански, вели Ване Стефанов, наставник во школото.

(В.М.)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1