ММС

Објавено на: 07/17/21 12:54 PM

Ќе се разладуваат со специјални вентилатори, а ќе се хранат со свежа риба: Пингвините во ЗОО-Скопје добија ново атрактивно живеалиште

Заливот на пингвините е најновата атракција во Зоолошката градина во Скопје. Надлежните очекуваат ова живеалшите кое беше отворено попладнево, да биде најинтересно за најмалите посетители.

ЗОО-Скопје во моментот е живеалиште на вкупно 9  јужноамерикански пингвини.

„Конечно ја комплетиравме приказната на ова живеалиште. Лани ги комплетиравме фламингата, а оваа година и пингвините. За првпат  ЗОО-Скопје е дом на овие егзотични птици и мислам дека моментално се најголема атракција овде. Тоа се пингвини коишто живеат  во топли краишта всушност. Тоа се јужноамерикански пингвини од Чиле и Аргентина“, истакна на денешното отворање портпаролката на Зоолошката, Тина Мицковска.

Со ова всушност го дооформуваме целиот овој комплекс, кој заедно со живеалиштето на фламингата, Градот и Зоолошката ги чинеше околу 18 милиони денари – посочи градоначалникот, Петре Шилегов.

„Станува збор за еден отворен базен на површина од 180 метри квадратни, еден затворен базен со површина од 120 метри квадратни, што автоматски значи дека животните имаат две живеалишта – отворено и затворено. Целосен еден систем за прочистување на водата, пумпи, затоплување на системот, една прекрасна тераса од која ќе бидат видливи овие две егзотични птици – фламингата и пингвините и најмладите скопјани може да уживаат во целата оваа приказна. Во рамките на Зоолошката веќе функционира и Дино паркот каде имаме преку 60 илјади посетители“, додаде Шилегов.

Според Војо Иванов, едукатор во скопската Зоолошка градина, тимот добро се вклопил за да може животните да се адаптираат.

„Живеалиштето беше прилично комплицирано, од едната страна имаме фламинга, од другата пингвини. Тоа се тотално различни птици коишто ќе треба да ги адаптираме овде. Зоолошката градина е една магија, една илузија која вие ќе треба да ја создадете за да може да мотивирате повеќе емпатија кај самата публика, за да можат повеќе да ги почитуваат и сакаат животните“, изјави Иванов.

Тој објасни дека овие пингвини бараат многу нега на стапалата, па ќе треба да се внимава на тоа. Тие ќе се хранат со свежа риба, која вработените ќе треба неколку пати во текот на денот да ја одмрзнуваат. Истовремено, пингвините ќе се разладуваат со вентилатори набавени специјално за нив.

 

Фото: Тина Мицковска, Град Скопје

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1