ММС

Објавено на: 07/17/21 7:10 AM

Вакцинацијата се одвива непречено, пријавени околу 1.800 деца и млади

Од понеделник почнува вакцинирањето на деца и млади на возраст од 12 до 17 години, а досега се пријавени вкупно 1798. Вакцинирањето за нив ќе биде во постојните вакцинални пунктови во градот што го навеле при пријавувањето. Најголем број пријавени деца и млади има во Скопје и тоа во поликлиниките: „Букурешт” – 402, „Јане Сандански” – 287, „Чаир” – 110 и „Бит Пазар” – пет.

Од ресорното Министерство информираат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, аплицирани се вкупно 713.114 дози вакцини, а ревакцинирани се 267.106 граѓани. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктовите низ државата.

Процесот на теренска вакцинација, пак, се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место и населба.

Во текот на денов, како што информираат од Министерството за здравство, теренска вакцинација ќе биде спроведена во повеќе населени места. Во Тетово: Шемшово, Сиричино, Прелубиште, Озормичте, Ратае, Туденце, Жилче, Раотинце, Јегуновце, Јанчиште, Подбреге, Копанце. Во Општина Долнени: Житоше, Кошино, Локвени и Подвис, во Прилеп – Мариово, во Виница: Црн Камен и Истибања, во Валандово – Јосифово и Удово, во Берово – Мачево. Во Струга – Луково и Нерези, во Крушево – Долно Дивјаци, Горно Дивјаци, Пуста Река и Острилци. Во Дебар – Џепиште и Отишани, во Кавадарци – Бошава и Конопиште, во Битола – Поешево, Долно Оризари, Карамани, Трн и Логоварди. Во Охрид – Годивје, Сливово, Турије, Мраморец, Врбјани и во Куманово – Матејче, Отља, Романовце и Черкезе.

Здружението на даватели на комунални услуги на Република Северна Македонија – АДКОМ, во соработка со Владата и Министерството за здравство, организира вакцинација против ковид-19 на вработените во јавните комунални претпријатија, кои се негови членки. Вакцинацијата ќе се одвива и на пунктовите во Скопје – сала „Борис Трајковски”, Куманово, Струмица, Штип, Кавадарци, Велес, Тетово и Охрид.

Во моментов во земјава активни се 236 случаи на заразени со коронавирусот. Во изминатото деноноќие регистрирани се 18 нови случаи на ковид-19 и осум оздравени пациенти, а починати нема. Од новите случаи во Тетово се 8, во Скопје 4, во Гостивар и Охрид по двајца и во Радовиш и Дебар по еден.

Досега во земјата се направени вкупно 923.515 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.882, бројката на оздравени пациенти е 150.159, на починати е 5.487.

Здравствените власти апелираат до граѓаните да се вклучат во масовното вакцинирање, бидејќи само на овој начин ќе успееме да го победиме вирусот.

 

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1