ММС

Објавено на: 07/16/21 2:48 PM

Шахпаска делеше хигиенски пакети на ранливи семејства во Скопје – Обезбедени 55.500 пакети преку Светската Банка

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, денеска заедно со волонтерите од Црвениот крст посети неколку семејства во Скопје, кои се дел од ранливите категории на граѓани и на кои им беа поделени хигиенски пакети.

Преку проект поддржан од Светска Банка, Министерството за труд и социјална политика, обезбеди над 55.500 хигиенски пакети во вредност од 40 милиони денари, кои веќе се распределуваат низ државава.

„За нас сите граѓани се важни. И никој не смее да биде изоставен. Социјалната реформа донесе значајни промени во помошта и поддршката која навистина им е неопходна на семејствата во ризик. Во време на пандемија со Ковид-19, со олеснување на условите  за влез во системот на социјална заштита, беше обезбедена поддршка за дополнителен број од околу 6000 семејства од ранливите категории. Но, нашата цел е овие лица што е можно побрзо да излезат од системот на социјална заштита и активно да се вклучат на пазарот на трудот. За таа цел заедно со Центарот за социјални работи и Агенцијата за вработување, преку индивидуални планови да обезбедиме полесен влез на пазарот на труд на овие лица “, рече министерката Шахпаска.​

Испораката, во кои има прашок за перење, средства за лична хигиена, средства за  дезинфекција, заштитни маски, се очекува да се реализира до крај на август 2021 година.

Заедно со пакетите, во рамките на програмата „Читаме дома“ финансирана од страна на Канцеларијата на Светска Банка во Северна Македонија, се дистрибуираат и книги за децата од најранливите семејства со која повеќе од 40.000 деца на возраст од 3-11 години добиваат книги на јазикот кој го говорат дома.

 

О.К.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1