ММС

Објавено на: 07/15/21 7:18 PM

Изгласан законот за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан и Прилеп – Битола

Собранието попладнево го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.

Со Законот, предложен од група пратеници, треба да се овозможи реализација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.

Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.

Во текот на расправата пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски побара законот да биде повлечен, затоа што смета дека во него треба да се подобрат многу работи и оти со ваква содржина ќе предизвика многу проблеми при реализацијата на проектите.

-Ова е закон кој ќе чини стотици и стотици милиони евра, ќе има многу проблеми, како во администрацијата при решавање на тековните работи. Ако е стратешки договор, зошто нема меѓународен договор меѓу две земји, иако постои меморандум за соработка, праша Мислајловски.

Тој посочи дека во законот не пишува по кои стандарди ќе се реализира овој проект и оти пишува „со уникатен начин на градење“.

-Кој е тој уникатен начин, треба да се објасни бидејќи после институциите ќе се соочат со проблеми. Нема ништо во законот, како ќе се изберат подизведувачите, колку проценти ќе бидат македонски работници, рече Мисајловски.

Пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, како еден од предлачите на овој закон, смета дека сите заедно треба да ги поддржат овие проекти гласајќи го предлог законот.

-Поткрепете гласајќи го овој проект од кој ќе има придобивка целата земја и граѓаните. Се работи за инфраструктурен Коридор 8, многу од нас патуваат тука, и знаат колку е значајно и колку е добар овој проект, од таа причина да не оставаме сомнеж да го поктрепиме да почне реализацијата, додаде Реџепи.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1