ММС

Објавено на: 07/14/21 2:51 PM

Пандев ми е како татко, со раширени раце го чекаме во Џенова, вели неговиот соиграч Касата

Македонската фудбалска легенда, Горан Пандев, против Холандија на Европскиот шампионат се збогуваше од репрезентативниот дрес и стави крај на долгата и успешна и успешна кариера. На клупско ниво, иднината на Пандев останува неизвесна. Гласините од Италија велат дека Пандев ќе одигра уште една сезона во Сериа А и потоа ќе се пензионира од клупскиот фудбал.

Без разлика на конечната одлука, едно е јасно. Горан Пандев е еден од најомилените ликови во Џенова. Играчот за врска на тимот од главниот град на регионот Лигурија, Франческо Касата, за „Sky Sport“ изјави дека Пандев за него претставува татковска фигура и дека сите во Џенова го чекаат да се врати со раширени раце.

-Сите се надеваме дека Пандев ќе продолжи со Џенова. Јас имам посебен однос со него. За мене тој е како татко. Одличен е со советите кон младите играчи, постојано им помага. Пандев за нас е пилар и сите го чекаме со раширени раце, рече Касата.

Дваесет и тригодишниот фудбалер стави посебен акцент на важноста на Пандев за колективот и даде мал „хинт“ за иднината на струмичанецот во италијанската најдобра лига.

-Пандев вели дека размислува за одмор. Од тоа што јас го знам, мислам дека ќе продолжи. Уште една година на стадион и пред фанови, вели италијанскиот интернационалец за „Sky Sport“, а пренесува новинарот Џанлука Ди Марцио.

Откако Пандев во 2015. година се пресели од Галатасарај во Италија, за Џенова има постигнато 32 погодоци.

 

 

Фото:

goal.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1