ММС

Објавено на: 07/14/21 6:30 PM

Панталони, маици, ремени.., полицајците меѓу себе си продаваат носени униформи – МВР вели работиме на создавање задоволна полиција

„ За првпат во историјата, ексклузивно полициски огласи! Се бара униформа, опрема, футроли, опасачи…“ реагира иронично Синдикатот на Полицијата во Македонија на објавата на полициски службеник кој на една од Фејсбук групите бара да си купи службени панталони или некој да му ги подари ако не му се повеќе потребни.

Повеќе од 4.000 сегашни или поранешни полициски припадници се членови на Фејсбук групата МВР-ППП која е приватна. Дел полициските службеници бараат да си купат, или да разменат дел од опремата со дел од колегите.

„Синдикатот на Полиција во Македонија – СПМ се чувствува гордо со Оливер Спасовски. Бидејќи Македонската полиција е свесна и не сака да тежи на буџетот на МВР, се користи еден стар потврден и ефективен метод – стоковна размена! Свечено се враќаме во феудализам, благодарение на програмата на Министерот за европска задоволна полиција. Иако понудените артикли ќе бидат со поминат рок на траење со малку избледена боја можеби и со мали крпеници но нели “боље ишта него ништа”.

Се моли Министерство за внатрешни работи  доколку има нешто заостанато по магацини да донира на огласите. Па нека е и со петокрака петли и ќе бидат заменети…. Доколку се најде чесен донатор и за нив!!! Ај со среќа и аирлија да ни е  задоволната полиција. Оливер Спасовски не ја барај веќе, ја пронајдовме!“, објави Синдикатот на полицијата.

Побарувачката и понудата на полициски униформи е вистина. Тоа за ММС го потврди Орце Коцевски, претседател на Синдикатот на полицијата во Македонија кој беше формиран во мај 2020 година.

– Од минатата година наваму министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски постојано пред јавноста се фали дека создава задоволна полиција. Но, дали е тоа така. Ова што денеска се случува, денешниот оглас каде што полициски службеник искрено бара униформа, покажува на фактот дека МВР е неспособно да набави униформи. Огласот го покажува очајот во кој денес се наоѓа македонскиот полицаец. Македонскиот полицаец во 2021 година оди со искинати панталони и униформа, со патики купени од лични средства, со футроли купени од било која продавница, блузи набавени од бутици. Ова е се, само не задоволна полиција која ја промовира министерот Оливер Спасовски – рече Коцевски.

Најмладиот и трет синдикат во полицијата е незадоволен и од неодамна потпишаниот колективен договор со Македонскиот полициски синдикат кој, пак, е најстариот во Македонија.

– Од неодамна министерот Спасовски заедно со македонскиот полициски синдикат го потпишаа најнедемократскиот, најлошиот колективен договор од постоењето на македонскаа полиција. Наместо да се подобрат полициските права, со него се уназадуваат и се усложнуваат полициските права. Се сомневаме дека и овојпат правата од овој договор ќе бидат остварени по пат на тужби затоа што МВР никогаш нема да ги исплати додатоците кои се наоѓаат во него – додаде Коцевски.

ММС побара одговори и од  Министерството за внатрешни работи, од каде соопштија дека секторот постојано вложува во опремување на полицијата и во подобрувањето на условите за работа на полициските службеници.

– За ваквиот начин на работа имаме јавно признание од репрезентативниот синдикат- МПС. Досега, во периодот додека е министер г-дин Оливер Спасовски, целосно реконструиравме 56 објекти, за последните 10 месеци реконструиравме 8 објекти, а моментално работиме на дополнителни 7 кои ќе бидат целосно готови до крајот на 2021 година. Постојано се набавуваат потребните делови од униформи за полициските службеници, како и на соодветна опрема што е потребна за извршување на работните задачи. Работиме на создавање задоволна полиција, за задоволни граѓани! Што се однесува до новиот колективен договор, тој е потпишан со репрезентативниот синдикат и е комплетно во интерес на полициските службеници, кои со него добиваат низа нови придобивки – изјави за ММС, Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност.
Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1