ММС

Објавено на: 07/14/21 12:57 PM

Со околу половина милион евра се „опариле“ при набавката на двокатните автобуси: Поднесено обвинение против четири лица

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против четири лица.

Обвинителниот акт е поднесен по спроведена истражна постапка според која, сега обвинетите како соизвршители ја искористиле својата службена положба и овластување и спротивно на Законот за јавни набавки. Имено, прибавиле корист за економскиот оператор од Р.Кина на начин што незаконски го фаворизирале и со него склучиле договор за набавка на 202 двокатни автобуси. Со извршените дејствија нанеле штета на Буџетот на РМ во износ од 293.773.226,00 денари или 4.772.920 евра.

Имено,  по три неуспешни постапки за набавка на двокатни автобуси што биле спроведени во текот на 2008 и 2009 година,  во февруари 2010 година била спроведена нова постапка за јавна набавка – се посочува во денешното соопштение од Обвинителството.

При отварање и разгледување на понудите доставени по јавниот оглас за набавка на 200 автобуси од затворен тип и два автобуси од отворен тип, обвинетите С.Ф.П. (47) како претседател и И.Ј.(36) и Ј.Ј.А.(62) како членови на Комисијата за спроведување на јавна набавка на двокатни автобуси за ЈСП на Град Скопје, во договор со првообвинетиот  М.Ј.(43), постапиле спротивно на Законот за јавни набавки и фаворизирале економски оператор кој до денот на отварањето на понудите немал доставено банкарска гаранција на понудата и сертификат за квалитет ИСО 9001:2000 како што било пропишано во тендерската документација. Комисијата наместо да ја отфрли понудата како некомплетна, ја продолжила постапката и извршила евалуација на двете доставени понуди. И покрај тоа што понудата на економскиот оператор од Р.Бугарија била за 4.772.920 евра пониска, Комисијата го избрала економскиот оператор од Кина и му предложила на првообвинетиот да склучи договор со него.

Првообвинетиот иако знаел за недостатоците на избраната понуда, наместо да ја поништи постапката за јавна набавка поради битни пропусти, тој донел Решение за избор на најповолна понуда и склучил Договор за купопродажба на автобуси на износ од 35.425.410,00 евра. Со дејствијата опишани во Обвинителниот акт обвинетите сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување предвидени и казниво по член 353 став 5 во врска со став 1 и член 22 од Кривичниот законик.​


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1