ММС

Објавено на: 07/14/21 10:39 AM

Цените пораснале за 2,4% во последните шест месеци – Очекувани инфлациски движења за Народната банка

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка одржа седница на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше оценето дека постојното ниво на основната каматна стапка е соодветно на тековните економски и финансиски услови, при што беше одлучено таа да остане иста, на нивото од 1,25%, со што монетарната политика го задржа олабавениот карактер.. На седницата беше потврдено дека вкупната ликвидност ослободена преку основниот инструмент на Народната банка од почетокот на пандемијата е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9% на годишна основа, во услови на трет бран на ковид-19 и негово негативно влијание врз динамиката на економското закрепнување. Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Тековните расположливи високофреквентни податоци за периодот април – мај упатуваат на висок годишен раст на економската активност во вториот квартал, пред сѐ заради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19 во овој период од минатата година, а делумно и поради стабилизирањето на епидемиолошката состојба и започнатата имунизација во земјата. Имено, податоците за овој период покажуваат високи годишни стапки на раст кај индустриското производство, прометот во вкупната трговија и угостителството.

Во однос на инфлациските движења, просечниот годишен раст на потрошувачките цени во првото полугодие на 2021 година изнесува 2,4% и е блиску до очекувањата од априлскиот циклус проекции на Народната банка

Девизните резерви, на крајот на јуни 2021 година, се повисоки во однос на состојбата на крајот на првиот квартал, со што и натаму се на соодветното ниво и во сигурната зона. Последните податоци за менувачкото работење укажуваат на повисоки нето-приливи кај приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал од 2021 година.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидностa во банкарскиот систем се задржа на релативно солидно и стабилно ниво, a банките тргуваа со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари повремено, при крајот на јуни.

 

О.К.

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1