ММС

Објавено на: 07/14/21 10:28 AM

Објавен Конкурсот за прием на студенти во државните студентски домови

Министерството за образование и наука го објави Конкурсот за прием на студенти запишани на додипломски студии во државните студентски домови и други објекти за сместување во Република Северна Македонија за студиската 2021/2022 година.

Согласно Конкурсот, за академската 2021/2022 година за студентите се обезбедени 5235 легла во државните студентски домови и други сместувачки објекти, од кои 1249 се за студенти од прва година, а 3986 легла се предвидени за студенти од втора, трета, четврта, петта и шеста година, како и за апсолвенти.

Право на прием имаат редовни студенти кои се државјани на Република Северна Македонија и се школуваат надвор од местото на живеење, запишани на додипломски студии со траење: помалку од осум семестри, а не повторувале студиска година; осум семестри, а не повторувале повеќе од една студиска година и над осум семестри, а не повторувале повеќе од две студиски години.

Студентите кои ги исполнуваат условите од конкурсот пополнуваат електронска пријава и ја прикачуваат соодветната документација на http://e-uslugi.mon.gov.mk, а доколку немаат можност електронски да аплицираат, пополнуваат хартиена пријава (евидентен лист) и ја доставуваат потребната документација по конкурсот во студентскиот дом.

Рокот за пријавување на студентите од втора година и повисоките години почнува од 26 јули и ќе трае до 20 август 2021. Рокот за пријавување на студентите од прва година почнува од 6 септември  и трае до 24 септември 2021. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови ќе останат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи се до нивното пополнување, но најдоцна до 15 ноември 2021.

 

МИА

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1