ММС

Објавено на: 07/14/21 9:26 AM

Во Индија ќе бидат произведени 300 милиони дози од руската вакцина Спутник В

Рускиот инвестициски фонд го објави договорот со најголемиот светски производител на вакцини – Институтот за серум во Индија, за производство на 300 милиони дози од вакцината Спутник В на годишно ниво, почнувајќи од септември.

„Ова стратешко партнерство е главен чекор кон суштинско зголемување на производствените можности и покажува совршен пример за здружување на силите и експертизата за спасување животи не само во Индија, туку ширум светот“, изјави извршниот директор на Фондот, Кирил Дмитријев.

Фондот кој го финансираше развојот на вакцината Спутник В претходно преговарал за производство на руската вакцина со произведувачи од неколку земји, меѓу кои се Индија, Јужна Кореја, Бразил, Кина, Турција, Белорусија и Казахстан. Дмитријев истакна дека вакцините Спутник В произведени во Институтот за серум во Индија ќе бидат испорачани на тамошниот пазар, но ќе се извезуваат и во повеќе од 60 држави каде што е регистрирана оваа вакцина.

Спутник В досега е одобрена во 60 земји. Русија е првата земја во светот која лани во август регистрираше вакцина против актуелниот вирус, предизвикувајќи критики и дома и на меѓународно ниво, бидејќи тогаш беше тестирана само на неколку десетина луѓе. Медицинското списание Лансет пак, во февруари објави студија која покажа дека оваа вакцина има ефикасност од 91 процент. Сепак, таа се’ уште чека одобрување за употреба од Европската агенција за лекови.

 

Фото: Илустрација / Unsplash

Извор:    rtcg.me


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1