ММС

Објавено на: 07/14/21 8:35 AM

Охридскиот народен театар со „Крик за љубов” вечерва на „Охридско лето”

„Крик за љубов”  е претставата со која Народниот театар од Охрид вечерва ќе настапи на „Охридско лето” . Станува збор за комедија на карактери и љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта.

Режисерот на претставата Љупчо Ѓоргиевски појаснува дека во неа двајца актери, поранешни сопружници, се ангажирани во претстава да играат ликови на исто така двајца поранешни сопружници. Накратко, тоа е претстава за она што се случува пред претставата, односно за време на процесот на подготовка на една претстава, од распределбата на улогите, преку првата проба до пробата со костими и премиерата. Се прави прецизно скенирање на типичните ситуации и карактери во театарот, како што се: актерите, режисерот, продуцентот и другиот помошен персонал, во процесот на создавање на една претстава.

-Притоа се навлегува во суштината на феноменот наречен „театар”, т.е. колку театарот е живот, а колку, пак, животот е театар, постои ли граница помеѓу нив и како тие се испреплетуваат и прелеваат еден во друг. На крај, се разбира, доаѓаме до чудотворното дејство на театарот врз реалниот живот, вели режисерот.

Улогите во претставата „Крик за љубов” ги толкуваат Адријана Тодороска, Никола Тодороски, Ивица Цонев, Горан Стојаноски.

Претставата ќе се игра во Центарот за култура „Григор Прличев” со почеток во 21 часот.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1